Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија денеска потпишаа договор за поставување електричен кабел под Црното Море што ќе ја пренесува зелената азербејџанска енергија во Европа.

Станува збор за електричен кабел од 1.000 MW долг 1.100 километри од Азербејџан до Романија, како дел од пошироките напори на Европската Унија за диверзификација на изворите на енергија и намалување на зависноста од Русија во контекст на војната во Украина.

Со оглед на актуелниот безбедносен контекст обележан со воена агресија против Украина, мораме подобро да соработуваме и да покажеме поголема солидарност за да ги ублажиме заедничките предизвици, рече романскиот претседател Клаус Јоханис на состанокот на кој присуствуваше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

Нашата енергетска соработка одговара на стратешкиот притисок. Ќе ја зголеми нашата енергетска отпорност и ќе обезбеди диверзификација на снабдувањето и транспортните патишта. Ова е пазарно мотивирано со оглед на зголемената побарувачка за енергија во Европа, рече Јоханис.

Фон дер Лајен на состанокот рече дека функционира стратегијата на ЕУ да им го сврти грбот на руските фосилни горива и да го диверзифицира своето снабдување кон „сигурни енергетски партнери“.

Таа рече дека ЕУ е подготвена да обезбеди финансиска поддршка за проектот откако ќе бидат познати резултатите од физибилити студијата.

За да интегрираме зголемен дел од обновливите извори, ни требаат навистина помоќни електрични интерконекции. Затоа црном орскиот енергетски кабел меѓу Романија, Грузија и Азербејџан е толку важен“, рече Фон дер Лејен. – Тоа ќе помогне да се зајакне нашата безбедност во снабдувањето со носење електрична енергија од обновливи извори во ЕУ преку Романија и Унгарија.

Фон дер Лејен оцени дека црноморскиот кабел може да ја трансформира Грузија во центар за електрична енергија и да ја интегрира на европскиот енергетски пазар, а исто така може да придонесе за реконструкција на украинскиот енергетски систем и целата земја, која е разурната од војна.

OhridNews