Граѓаните кои ги користат паркинг просторите во Премиум зоната во градот и се однесуваат несовесно, односно нанесуваат штети на рампите ќе треба да сносат одговорност. Советниците на денешната одржана 41-ва Седница на совет ја изгласаа Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за користење на спортските објекти и јавни паркинг простори со кои стопанисува ЈП„Билјанини извори“-Охрид.

Со оваа одлука се прецизира казна од 3000 денари која може да ја наплати ЈП „Билјанини Извори“ за сите кои ќе сторат прекршок односно ќе ги оштетат рампите на паркинзите.

Советничката Живка Ангелоска побара попрецизно објаснување од страна на директорот на Јавното претпријатие бидејќи, како што посочи, станува збор за нова обврска за некои од граѓаните.

Повеќе наликува на глоба односно санкција за несовесните граѓаните кои не ги почитуваат правилата. Верувам дека Одлуката ја носите врз основа на праксата која ја имате изминатите години, но со оглед дека претставува новост сакам да ни објасните и на нас како советници и на граѓаните кои се причините поради кои се носи ваква одлука. Да појаснам се става надоместок, но мене повеќе ми наликува на глоба од 3000 денари за напуштање надвор од прописите на паркинг просторот во Премиум зоната за сите сторители на делото. И за тие кои ќе ги оштетат рампите во Премиум зоната во Стар град, Каменско, исто така, ќе треба да платат надоместок од 3000 денари, рече Ангелоска.

Незнам, додаде Ангелоска, по кој основ Советот може да донесе ваква одлука, затоа што треба да се направи истрага за да утврдите кој е виновникот за да му се препишете тој надоместок.

Доколку е на доброволна основа тогаш е во ред, но тој кој несовесно се однесува сигурно нема и доброволно да го плати надоместокот. Во спротивно, што ако е штетата на рампата многу повеќе од 3000 денари и сигурно дека вие нема да се ставите во истражен орган и да утврдувате самите кој е причинителот и да му давате казна, без притоа работата да ја завршат истражните, судските органи, да се утврди прекршок или на друг начин да се утврди одговорноста. Како ќе го наплаќате овој надоместок, на кој начин ќе може да ја изврши сторителот обврската кон ЈП? Апсолутно треба совесно да се однесуваме како граѓани и да ги почитуваме правилата, совесно да се однесуваме спрема добрата од јавен интерес, но незнам колку е основано да може едно ЈП да применува вакави мерки, а Советот да носи вакви одлуки за санкција или глоба, истакна Ангелоска.

Директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Теодор Андоноски посочи дека токму во насока да може да се наплаќаат овие надоместоци се носи и ценовникот.

На самите рампи има даски кои во текот на изминатиот период многу често се оштетуваа по кривица на корисните на јавните паркиралишта и се доведуваме во ситуација да не можеме да извршиме наплата кога некој ќе ги скрши рампите поради нивното несовесно однесување. Во делот на даската имаме ценовник колку нас не чини таа даска и поради тоа донесовме ценовник да можеме да извршиме наплата. Имаат начини за плаќање веднаш со кеш по фискална сметка или по видео надзорот со кој ја утврдуваме регистрацијата и бараме информации од МВР, добиваме податоци за лицето и праќаме фактура. Доколку настане поголемо оштетување на рампите имаме видео надзор, ќе викнеме вешто лице и ќе може да утврди вредност на поголема штета. Злоупотреби има на повеќе начини без да се изврши плаќање на паркинг, имаме видео надзор и врз основа на тоа утврдуваме дали има потреба да се оди по судски пат или да се изврши со дирекно плаќање. Кога имаме ценовник имаме основа за наплата, додаде Андоноски.

Н.С.Ј.