Министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи денеска најави дека ќе се мапира македонската научна и економска дијаспора. Како што објасни, целта е идентификување на бизнис заедницата што живее надвор од земјава, а која ја сочинуваат важни претприемачи, идни потенцијални инвеститори во своите родни краишта, што ќе придонесе за локален развој.

Почна проектот за отворање канцеларии за дијаспората во 23 општини. Канцелариите ќе имаат посредничка улога и на припадниците на дијаспората ќе им овозможат дополнителни информации, насоки и поволности од Владата, рече Чупи на годишната владина конференција „Година на нови можности“.

Според него, миграцијата е најдлабоката рана на нашето општество, како последица на која се соочуваме со т.н. одлив на мозоци или интелектуална миграција и стареење на постојната научна и професионална рамка и кадри.

Најдобар начин за справување со овие проблеми е заедничкото, координирано делување. Не би можеле да зборуваме за регионален и локален развој без систематска соработка на институциите, општините, меѓународните организации, невладиниот сектор, здруженијата од дијаспората, поединците интелектуалци и бизнисмени, истакна министерот кој беше говорник на четвртиот панел, потенцирајќи дека дијаспората е драгоцена колку и татковината.

OhridNews