Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуални попречености и нивните фамилии „Порака нова“ од Струга денеска одбележува 40 години од постоењето посветено на заедницата и креирање позитивни промени кај маргинализираните групи.

Центарот, како што информира Росица Стојковска -Живковска, маркетинг менаџер, од 1984 година, па до ден денеска, е во мисија да ги зајакне лицата со попреченост, да ги охрабри младите да напредуваат професионално и лично, како и да ги поттикне социјалните иновации во општеството.

Патот од 40 години го карактеризираат издржливост, посветена работа и безброј инспиративни приказни за трансформација. Од рушење на бариерите до поттикнување инклузија, сведоци сме на силата што произлегува од единството и различноста на оваа организација, изјави Стојковска – Живковска.

Со 40 годишното постоење, „Порака нова“, додаде, досега организирала повеќе од 1.000 настани на локално и интернационално ниво, 10 години успешно е партнер во продажбата на списанието на „Лице в лице“, а го имаат и првиот вработен продавач.

Организацијата има имплементирано повеќе од 150 проекти во партнерство со земји од Азија, Европа и Африка. Услугите досега ги имаат користено повеќе од 1.000 лица со попречености, а над 40 лица со попречености се успешно вработени преку посредување на „Порака нова“ со општествени одговорни компании, потенцира Стојковска – Живковска.

„Порака нова“, нагласи, ќе продолжи да ги охрабрува и зајакнува сите позитивно да влијаат во својата заедница.

Ајде да продолжиме да иновираме, да промениме нечиј живот на подобро, да се залагаме за маргинализираните групи и да создаваме свет во кој секој има можност да учествува и блесне – е главната порака на оваа организација, вели Стојковска – Живковска.

OhridNews