Во последните две седмици во два наврати е евидентирано палење на контејнерите лоцирани на почетокот од село Косел. Исто така, кај летниковецот кај село Велестово повторно се украдени кантите за отпадоци, реагираат од ЈП „Охридски Комуналец“.
На овој начин местото кое треба да претставува катче за одмор и рекреација, се девастира во простор опкружен со отпадоци. Со ваквите вандалски појави јавното комунално претпријатие се среќава секојдневно, а штетата е повеќекратна. Од една страна граѓаните остануваат без садовите каде треба да го депонираат отпадот, се прави неред во одржувањето на хигиената и се загадува околината, потенцираат од претпријатието.
Пироманската појава на палење контејнери, велат, претставува опасност по пошироката околина и бара ангажирање на надлежни служби.
ЈП „Охридски Комуналец” во вакви случаи е изложено на дополнителни трошоци за да набави нови контејнери и канти за отпадоци, како во претходните два случаи каде се поставени нови садови за отпад, додаваат од претпријатието.
Апелираат да престане уништувањето на контејнерите и кантите за отпадоци.
OhridNews