Од кога е формирано ЈП Колекторски систем во континуитет се грижи за работењето на колекторскиот систем за заштитата на водите на езерото, но пред се работи на целосна рехабилитација и ставање во функција на истиот, кој за жал децении воопшто не беше одржуван и беше надвор од функција, вели директорот на претпријатието Владимир Алексијоски, посочувајќи дека имаат голем удел во квалитетот на водата во Охридско Езеро.

Покрај редовното одржување, согласно годишните програми за работа ние од сопствени средства изработивме автоматизација скоро на сите препумпни места со што во целост е отстранета опасноста од излевање и влез на фекални води во водите на езерото без разлика што сеуште е мал делот на одделеноста на атмосферската од фекалната вода со што се прави преголемо оптеретување на колекторскиот систем, а како доказ за тоа беа и неодамнешните невремиња кои го погодија овој регион, вели Алексијоски.

Посочува дека согласно добиените грант средства од страна на Шпанската Влада изработена е техничка документација за проекти со кои целосно ќе биде затворена Македонската страна од езерото.

Поточно се работи за пречистителна станица за с. Љубаништа, пречистителна станица за с. Радожда, нова пречистителна станица во Подмоље исклучиво за Охридскиот дел како и проект за реконструкција на постоечката пречистителна станица во Враништа, односно не ќе има населено место чии фекални води нетретирани ќе бидат испуштани во езерото како до сега, потенцира Алексијоски.

Додава дека изработен е и проектот за собирање на фекалната канализација од с. Елшани и нејзино приклучување во постоечкиот колекторски систем.

OhridNews