Со мирен протест членовите на синдикатот при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид го изразија незадоволството од непотпишување на колективниот договор кој го имаат потпишано вработените при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. Со истиот вработените во УКИМ ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.
Затоа денес овде со овој протест сакаме да го искажеме нашето незадоволство и воедно бараме потпишување и на нашите колективни договори или изнаоѓање на законска рамка за пристапување спрема Kолективниот договор од УКИМ. Го поздравуваме потпишувањето и спроведувањето на Колективниот договор од УКИМ, но истовремено им порачуваме на надлежните дека спроведуваат истовремено дискриминација и нееднаквост спрема останатите вработени од останатите јавни универзитети, како спрема нас и спрема останатите четири универзитети, бидејќи и ние имаме ист статус, обавуваме иста општествена дејност, вели претседателот на Синдикатот на вработени од УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид, Игор Јовески.
Во спортивно, додава Јовески, во координација со синдикатите на вработените од останатите четири јавни универзитети во државата, во Битола, Тетово, Штип и „Мајка Тереза“ во Скопје ќе ги дефинираат следните чекори како да продолжи овој протест и на кое место се со цел исполнување на нивните барања.
Денес мирен протест беше најавен и од синдикатите на останатите четири јавни универзитети.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски