Собранието денеска со 64 гласови „за“ и 40 „против“ го избра Јован Митрески за претседател на Собранието.
Митрески, кој беше досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, ќе биде претседател на Собранието до изборот на нов состав на Парламентот по изборите на 8 мај, и откако неговиот претходник Талат Џафери беше предложен за мандатар на техничката влада, која треба да биде избрана во недела на 28 јануари.
Во расправата се обратија пратеникот Мартин Костоски од СДСМ, кој даде целосна поддршка за Митрески, Никола Мицески, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека тие нема да гласаат за него, Арбер Адеми од ДУИ, кој му даде поддршка, а зборуваше и Димитар Апасиев.
Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата, рече Митрески.
Изрази верување дека заеднички ќе продолжиме да ја јакнеме демократијата бидејќи за млади демократии како нашата тоа е важно да го правиме ској ден.
Останувам отворен за соработка со сите пратенички групи, се додека гледам, мислам и чуствувам дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата, затоа што интересот на граѓаните и на државата е врвен интерес на сите нас, рече Митрески.
Тој изрази благодарност за поддршката и за довербата која му ја дадоа пратениците со нивното гласање, како и до досегашниот претседател Талат Џафери и до генералната секретарка Цветанка Ивановска и до нејзините заменици за успешното менаџирање, како и до вработените во Собранието.
Новиот спикер даде свечена заклетва, по што како што е најавено ќе има примопредвање на фукцијата и куси изјави на Џафери и Митрески.
Митрески кусо се заблагодари за поддршката, како и на Џафери за успешното менаџирање на Собранието заедно со генералниот секретар Цветанка Иванова.
Претходно, беа констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери. Премиерот Ковачевски и претседателот на Собранието не ги образложија оставките.
Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.
OhridNews