Месец јануари 2023 година се карактеризира како екстремно топол и просечен до влажен месец во споредба со многугодишните просечни вредности. Месечната температура се движеше од 0,9 степени Целизиусови во Маврово до 7,6 во Гевгелија. Споредено со просечните јануарски месечни температури, за триестгодишен период (1991-2020), годинашната беше 3,3 степени над просечната на ниво на држава, информира УХМР.

Во втората декада од месецот беа забележани високи максимални и минимални температури невообичаени за овој дел од годината и од 17 до 24 имаше продор на топлотен бран. Средните максимални температури беа од 5,1 степен во Маврово до 12,6 степени во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 18 јануари во Демир Капија и изнесуваше 19,9 степени, но не беше повисока од апсолутната максимална 20,3 степени измерена во Гевгелија во jануари 2018година.

Средните минимални температури беа од -2,1 степен во Берово до 3,5 во Гевгелија. Најниската температура во текот на месецот е измерена во Берово на 7 јануари и изнесуваше -7,4 степени.

Во јануари годинава, месечната сума на врнежи во државата изнесуваше од 22мм во Скопје Зајчев Рид до 178мм во Маврово.

Врнежите беа од дожд и снег, претежно во текот на втората декада од месецот. Максимално дневно количество на врнежи од 42,7мм беше регистрирано во Демир Капија на 24 јануари.

На Попова Шапка беше измерена максимална снежна покривка од 91см на 24-ти.

Споредено со јануарската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше 20мм над просечната на ниво на држава.

OhridNews