Десет пожари на отворен простор се регистрирани во јуни и јули заклучно со денешниот ден на територијата на Охрид и Дебрца. Според командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски најчесто има опожарување на ниска вегетација, сува трева, стрништа, депонии…
Палењето оган на отворен простор е казниво по закон! Со оглед на тоа што во наредниот период не очекуваат високи температури, а со самото тоа и можноста за пожари е голема, упатуваме апел жителите на општините Охрид и Дебрца да бидат совесни, да наоѓаат безбедни методи за чистење на нивите, дворовите и сл., да се однесуваат одговорно кога се наоѓаат во природа итн., вели Јанкулоски.
Посочува дека бројката на пожари на отворен простор од изминатите години за овој период од годината се скоро идентични.
И покрај тоа што редовно се апелира, препораките скоро и да не се почитуваат. ТППЕ – Охрид е во постојана координација со Националниот Парк Галичица и со ДПД Ентузијаст Охрид- Дебрца се со цел навремено да се детектираат почетните пожари, а со самото тоа да се спречат пожари на отворен простор од поголеми размери, потенцира Јанкулоски.
На ниво на држава само изминатото деноноќие биле евидентирани единаесет пожари на отворено, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Посочуваат дека пожарникарите се справиле со сите, па така, нема активни пожари.
Една третина од вчерашните повици биле за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шират и на поголем простор во околината. ЦУК упатува апел до граѓаните да не се палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и кога е сѐ посува вегетацијата во природата, велат во денешното соопштение.
Н.С.Ј.