Туризмот како никогаш досега им е потребен на државните економии и неговото значење и моќ ќе бидат видливи во наредните години уште повеќе, фокусирајќи се на целите за 2025 година во која треба да се надминат 3,7 милиони ноќевања и повеќе од 600 милиони долари туристички промет во македонската економија, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски на регионалната конференција за туризам под наслов „CHECK IN“ која се одржува во Требиње, во БиХ, на 5 и 6 октомври.
На конференцијата во првиот панел „Резултатите во туризмот и кои мерки треба да бидат воведени за стимулирање на туристичкиот раст“, покрај излагањето на Јаневски, обраќање имаа и министерот за трговија и туризам на Република Српска Денис Шулиќ, министерката за животна средина и туризам на Босна и Херцеговина Насиха Поздер и државниот секретар при министерството за туризам и млади на Република Србија Урош Кандиќ.
Панелистите во своите излагања ја потенцираа успешноста на 2023 година од туристички аспект и потребата за уште поголем фокус на втората половина од годината за задржување на растот и овозможување на подобар старт во следната година. Предвидувањата според присутните се дека ќе бидеме соочени со голем број предизвици на регионално ниво предизвикани од нестабилната економска состојба во Европа.
Јаневски посочи дека за растот на туризмот потребно е релевантните институции на државно ниво да имаат поголем фокус на туристичката индустрија овозможувајќи поголеми буџети и вмрежување во регионот, бидејќи за далечните дестинации Балканот како регион е една туристичка дестинација.
Вложувањето во човечките ресурси во туристичката индустрија, брендирањето на дестинацијата и нејзината одржливост е од круцијално значење и растот на дестинациите ќе зависи токму од флуктуацијата на стручните луѓе во индустријата и генерално перцепцијата на дестинацијата на странските пазари. Пред нас следи долго патување кое сме го започнале, а резултатите се веќе видливи и несомнено треба да се продолжи со дигитализацијата и применување на новите светски практики во туристичката индустрија, истакна Јаневски.
Тој додаде дека значењето на конференцијата „CHECK IN“ е зајакнато со остварувањето на големиот број на состаноци преку кои е започнат процесот на договор околу зголемување на соработката со федерацијата Босна и Херцеговина.
Најавени се В2В средби на туристичките сектори и зголемена промоција на двете дестинации преку инфлуенсери и медиуми, како и организација на информативни патувања.
Ќе се продолжи соработката со Република Србија со цел да се задржи растот на српските туристи и во наредните две години и продолжување на нивниот престој, овозможен со зголемена понуда и посета на поголем број на атракции, како и силен фокус на ено-гастро концептот во Македонија. Со новото авионско поврзување Скопје-Сараево бројот на туристите од БиХ се очекува да се зголеми и да ги надмине резултатите од 2019 година што ќе помогне во достигнување на зацртаните цели во македонскиот туристички сектор за 2023 година, известуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
OhridNews