Заводсот за здравствена заштита на прес конференција денеска ја обвини локалната самоуправа дека ја манипулира јавноста околу спроведувањето на акцијата за прскањето против комарци. Првиот човек на заводот, Атанаско Михаилов, рече дека поради недоразбирањата со општината во Охрид веќе три години не е извршено прскање против комарци, иако,  како што посочи,тоа е законска обврска на локалната самоуправа. Според него граѓаните, но и туристите кои доаѓаат во Охрид имаат право да бидат заштитени од комарци и доколку општината сериозно сака да развива туризам треба редовно да врши дезинсекција, дератизација и дезинфекција.


Атанаско Михаилов – ЗЗЗ Охрид

-ЗЗЗ е компетентна институција која стручно знае да спроведе ДДД мерки. Доколку градоначалникот сака прскањето против комарци да го изведе со авион тоа е негов избор, но тоа е продавање магла. Пред години е прскано со авион и ефектите се никакви, а таквиот начин на прскање е и многу поскап, рече Михаилов. Тој посочи дека ЗЗЗ минатата година понудил да спроведе ДДД мерки за 5000 евра, но не бил постигнат договор со локалната самоуправа, која ја запраша колку ќе чини авионското прскање.

Според Михаилов општината не може да бара трошоците за прскање против комарци да ги покрива државата затоа што, како што рече, „согласно законот за спроведување на ДДД мерките на територијата на општината одговорна е локалната самоуправа која во својот буџет предвидува средства за спроведување на овие мерки“.


Михаилов посочи дека прскањето против комарци мора да се изврши час поскоро, и тоа на подрачјата на кои тие најмногу се размножуваат, за да не се случува туристи да си заминуваат од Охрид затоа што добиваат алергиски реакции од комарци.

-Не е проблем кој ќе го врши прскањето, битно е тоа да се направи и да биде стручно извршено, рече Михаилов.

Градоначалникот Петрески деновиве во изјава за медиумите најави дека општината ќе изврши авионско прскање против комарци и дека Заводот за здравствена заштита нема капацитет да спроведе таква акција.

Ohridnews