Како датум на формирањето на Армијата на Р. Македонија е прифатен 18 август, според денот кога е формиран Баталјонот „Мирче Ацев“ на Славеј Планина, во 1943 години, во слободната територија Дебрца.. Овој значаен историски датум, по независноста на Р. Македонија се одбележуваше достоинствено, со пригодни свечености, коишто доликуваат на неговото величие во македонската историја, на местото на настанот, со присуство на највисоките државни раководители и функционери од соодветните ресори. Посебно импресивно беше масовното присуство на населението од славна Дебрца, од Охридско и од други места. Се чествуваше како голем празник. Се евоцираа спомени на живи учесници, на истакнати интелектуалци, на борци од првиот строј. Нормално, учествуваа и високи претставници на Армијата, кои се грижеа за организацијата и дел од протоколот. Свеченостите траеја до 2000 година.

Оттогаш наваму церемониите на одбележувањето на Денот на АРМ, 18 Август, се одржуваат во Касарната Илинден во Скопје, со скудна програма, несоодветна на значењето на овој датум. Церемониите во касарната Илинден ја немаат истата тежина, како оние што се одржуваа по независноста на Македонија на местото каде што се одиграа најзначајните историски настани во народноослободителната, татковинска борба, на слободната територија Дебрца, вклучувајќи ги епохалните настани на планините Славеј и Караорман.

Одбележувањето на Денот на АРМ во Скопје ја нема истата симболика, истата полнозначност, како местата каде што се случиле главните настани. Прославите по 2000 година наликуваат на формалност која во никој случај не може да го надомести духот на чествувањето во Дебрца. Самото стапнување на тлото на Славеј Планина, самото присуство и на голем број жители од тие краишта, има сосема друга симболика за македонската државност.

Останува прашањето зошто се бега од реалноста. Од историската обврска. Зошто се омаловажува Славеј и слободната територија Дебрца, коишто беа држава во вистинската смисла уште во 1943 година, во самиот виор на војната, пред да се случи слободата. Првата слободна македонска држава. Пред АСНОМ.

Прославата на ваков значаен датум на нашата Армија, со протоколарни церемонии од типот на држење два-три кратки говори, смотра на почесна чета или баталјон и со војничко гравче, во Скопје, не можат во никој случај да бидат замена за Славеј. Прославите од овој вид во другите републики од пораешната сојузна држава имаат сосема подруга, импресивна димензија. Тие се одржуваат точно на местата каде што биле формирани првите партизански одреди. За совет може да се прашаа претседателите на Хрватска, господата Стипе Месиќ и Иво Јосиповиќ, словенешките или српските претседатели и политичари.

На оваа тема пред неколку години сум се обратил писмено до Врховниот командант, до Началникот на Генералштабот, до Владата и до други високи републички функционери. Но не бев удостоен со никаков одговор, освен еден протоколарен од Кабинетот на Началникот на ГШ. Притоа го актуелизирав и прашањето за уредување на патот што води до Славеј и се поврзува со автопатот за Охрид, во вкупна должина од десетина километри. Последната интервенција за негово оспособување ја направи госп. Лазе Китаноски, кога беше министер за обрана. Оттогаш патот се препушти на забот на времето. А со полни усти говориме за развивање на еко туризам, за користење на странски фондови за корисни проекти, за развој на сточарството и за многу други нешта. Наместо тоа, со години по ред, масовно се уништува шумскиот фонд на планинските масиви во Дебрца. Каква иднина очекуваме со вакво однесување? Тоа е круцијално прашање.

Упатувам добронамерен совет до Врховниот командант да го посети барем еднаш Славеј, да го допре местото каде што се формирал Баталјонот „Мирче Ацев“, да помине по патот што води до рудините на оваа легендарна планина, во придружба на Началникот на Генералштабот и Министерот за одбрана и да се соочат со реалноста. Со нашата денешна и утрешна стварност. Со нашата иднина.

Трајан Петровски, писател, амбасадор

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите