Четириесет и деветото  Охридско лето ќе понуди програма која на публиката ќе и овозможи да ја обновува духовната енергија, а јас сум пресреќен што фестивалот ќе започне со препознатливите ноти од работилницата на Мориконе, вели во интервју за „Ohridnews“, претседателот на Управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“, маестро Зоран Џорлев. До почетокот на фестивалот остануваат само уште 6 дена, а од управата на „Охридско лето“ уверуваат дека се е подготвено за уште едно незаборавно културно доживување во Охрид.

Ohridnews: Маестро Зоран Џорлев од неодамна ја извршува  функцијата претседател на фестивалот „Охридско лето“. Јавноста ве знае по прекрасната музика, тв шоу, бројни јавни настапи. Како дојде до соработка со Охридско лето?

Џорлев: Како  виолинист и дел од камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, оркестарот на Операта и Балетот, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар како и со учеството на бројни семинари во рамките на Охридско лето, уште од студентски денови сум дел од живеењето на фестивалот, од оваа страна на сцената која е достапна за публиката. Со моето назначување од страна на министерката за култура, за претседател на Управниот одбор на фестивалот, дојде до еден друг вид соработка, која значи учество во активностите за подготовка на крајниот продукт – програма на фестивалот и нејзиното реализирање од сите аспекти(уметнички, технички….)


 
Ohridnews: Нашата најголема културна манифестација – Фестивалот „Охридско Лето“ оваа година ќе го има своето 49-то издание. Во фестивалскиот тим влеговте во екот на подготовките за претстојното  издание. Се совпаѓа ли вашата визија за фестивалот со понудената програма на уметничките селектори?

Џорлев:  Уметничките селектори на фестивалот, и музичкиот и драмскиот, се уметници веќе докажани во своето поле на дејност, а фестивалската публика ги знае и како луѓе, благодарение на кои имале можност да видат настапи од извонредни македонски уметници и изведувачи, а истотака да запознаат и значајни светски имиња од разни сфери на уметноста. Поаѓајќи од тоа, а посебно водени од мислата со програмата да бидат задоволени и најистенчените вкусови, но во исто време и внимавајќи програмата да биде во рамките на финансиските средства, кои Министерството за култура и Фестивалот може да ги покрие, Управниот одбор ја усвојува програмата на фестивалот. Со самото тоа што програмата е усвоена, значи дека мојата визија, визијата на останатите членови на Управниот одбор за изгледот на фестивалот, во најголем дел се совпаѓа со понудената програма на уметничките селектори.

Ohridnews: До отварањето на фестивалот не делат денови. Дали е се подготвено за почеток, има ли некакви проблеми или дилеми?

Џорлев: Она што е битно, е дека програмата за фестивалот и финансиите за нејзина реализација се утврдени, договорени се основните работи околу престојот на учесниците, а фестивалскиот тим е подготвен, во секој момент и за секој евентуален проблем, да пристапи кон изнаоѓање начин за негово решавање.

Ohridnews: Звучно име од светот на филмот и музиката ќе го отвори овогодинешното Охридско лето. Но, Енио Мориконе нема да биде единствената ѕвезда на фестивалот. Што ќе има можност да види публиката во традиционалниот термин 12 јули – 20 август?

Џорлев: Јас лично сум пресреќен што фестивалот ќе започне со препознатливите ноти од работилницата на Мориконе. Во терминот од 12 јули до 20 август, со секој проследен настан, концерт, театарска претстава, публиката ќе има можност да го збогатува сопственото поимање на уметноста, можност да ја обновува духовната енергија.

Како дел од програмата, која во целост заслужува да биде видена, би ги спомнал Ојстрах, настапот на Елена Мисиркова, симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, балетската претстава, квинтетот гитари, Драган Даутовски, претставите на МНТ, на Драмски театар…..Секако тука се и младите инструменталисти…. Големо освежување за џез публиката секако ќе биде и концертот на Џорџ Бенсон, но не треба да се заборават и другите настапи од ОФФ програмата, како што се Монистра, Музичката младина на Македонија, Отсекот за традиционална музика и игра при ДМБУЦ И.Н.Луј од Скопје…..


Ohridnews: Фестивалот со години, децении, има препознатлив формат. Доминира класичната музика наспроти драмскиот дел, се разбира само по обем, но има една интенција на освежување на фестивалската програма со алтернативни уметнички форми. Годинава во рамки на офф програмата во  Охрид ќе го видиме џез мајсторот Џорџ Бенсон, а дел од фестивалот ќе бидат и македонските поп ѕвезди Каролина и Јован Јованов. Што се може да биде дел од Охридско лето и дали внесувањето премногу новини не го загрозува основниот концепт по кој фестивалот е познат безмалку половина век?

Џорлев:  Внесувањето новини во фестивалската програма е во функција пред се на доближување на фестивалот кон еден поширок круг на публика, но и создавање можност да дојде до израз творечката иницијатива на репродуктивни уметници од повеќе сфери на уметноста. Овие нови уметнички форми, нема да го загрозат основниот концепт на фестивалот, се` до оној момент до кој Охридското лето ќе претставува сцена за презентација на веќе постигнати и афирмирани уметнички вредности, се додека ја врши мисијата на зближување на луѓето по единствениот важен основ овде – љубовта кон уметноста.

Ohridnews: Охридско лето е заштитен знак на Охрид и Македонија. Дали доволно го негуваме овој бренд?

Џорлев: Фестивалот Охридско лето, презентирајќи високи уметнички вредности, во изминатите години прерасна во врвна културна манифестација која е призната како таква не само во Македонија, туку и во светот. Со самото тоа што сцената на Охридско лето привлекува познати уметници, доволно зборува за респектот кој го ужива. Негувањето пак, е нужно за уште поголем развој, кон која нужност не треба да се биде рамнодушен.

Ohridnews: Фестивалот Охридско лето е познат и признат. Но, тренд е во последно време ваквите манифестации да се промовираат на културните и туристичките саеми, да се организират разни гала вечери. Го промовираме ли доволно Охридско лето надвор од Македонија и дали воопшто ни треба таква промоција?

Џорлев: Како што реков, Охридско лето привлекува на својата сцена докажани уметници и тоа говори за неговата репутација. Со промовирањето на Охридско лето се промовира и нашиот бисер Охрид, а со тоа се промовира и Македонија, нејзините природни убавини и убавината на нашата култура. Секоја таква промоција е можност во европски и светски рамки да се презентира Македонија, да се презентираат вредностите кои се негуваат во Македонија. Промовирањето на овој фестивал, воедно е и можност за промовирање на македонските уметници, кои сметам дека на следното 50-то по ред издание на Охридско лето треба да заземат значајно место. А, каде на посоодветен начин би биле промовирани ако не на овој фестивал, кој има статус на национална установа?


    
Ohridnews: Во криза секогаш “страда“ културата и се кине од нејзиниот и онака тенок буџет. Каква е кај нас состојбата, има криза во културата или културна криза во општеството?  

Џорлев: Кризата се чувствува во секој сегмент од живеењето, не само кај нас туку и во светот. Но, се додека постојат вљубеници во уметноста кои ја помагаат и финансиски ја подржуваат, кризата нема да достигне толкав степен за директно да ја загрози културата. Секако потребно е, да се движиме во рамките на можностите.

Ohridnews: Догодина фестивалот слави 50 години од постоењето. Веројатно тоа ќе биде предизвик на кој покрај бројните организациски обврски ќе размислувате и за време на овогодинешниот фестивал?

Џорлев: Се разбира, но тоа ќе бидат размислувања во форма на идеи како подобро да се организира јубилејниот фестивал, врз основа на искуствата од претходните фестивали, вклучувајќи ги и искуствата од секојдневните случувања на овогодинешниот.

OHRIDNEWS