Зоолошката градина во Амстердам отворила павиљон посветен само на микробите, пренесуваат холандските медиуми. Проектот за отворањето на павиљонот наречен Микропиа кој се наоѓа во центарот на градот, чинел десет милиони евра. Хаиг Балиан, директор на кралската зоолошка градина во Амстердам, вели дека зоолошките градини традиционално покажуваат само мал дел од природата, посебно големите животни. Сакале да ја покажат микро природата и да развијат интерес кон микробиологијата.
Додал дека сакаат на посетителите да им покажат дека во природата е се поврзано и дека микробите се основен дел од таа врска. Иако се поврзуваат со гнасотија и болести, некои микроби се од суштинско значење за опстанокот на човекот. Секое човечко суштество во телото и на кожата има околу 1,5 килограми микроби. Некои микроорганизми се користат за биогорива и чистење на отпадните води.