Во полициската евиденција за изминативе 10 години се регистрирани само седум кривични пријави за нелеглани дејства кои ѝ штетат на природата и се однесуваат за НП Маврово и НП Галичица, додека нема ниту еден за СП Вевчански извори, односно Општина Вевчани. Од тие седум пријави, шест се во пониските делови на заштитените подрачја. Само еден случај на заловена мечка во стапица, во 2016 година на територија на НП Галичица се случувало во високопланинскиот предел на заштитеното подрачје, велат во извештајот од спроведеното истражувањето на здружението Натура МК.

Според официјалните податоци, најчесто забележани се бесправна сеча, незаконите лов и бесправно собирање на диви видови во високо-планинските предели. Ова е дел од наодите од истражувањето на здружението Натура МК, собирани преку интервјуа и средби со локално население и надлежните институции од заштитените подрачја: Споменик на природата „Вевчански извори“, Национален парк „Галичица“ и Национелен парк „Маврово“. Преку нив, се добија многу повеќе информации од тоа што го има во официјалните податоци.

Според податоците, пак, на OhridNews во текот на 2021 година од 1 јануари до 8 октомври до Одделението за правни, економски и општи работи при Јавната установа Национален парк Галичица, изготвени и доставени се 3 записници за констатација за бесправна сеча, 1 записник за констатација за бесправно кампување и 9 записници за констатација за противправно заземање на земјиште сопственост на РСМ и бесправна градба.

Значајна информација се извлече дека граѓаните не можат лесно да препознаат дали одредена активност е незаконита, бидејќи не е видливо дали некој тоа го спроведува со или без дозвола, односно дека правилата во заштитеното подрачје не се познати. И покрај тоа, од интервјуираните лица забележани се нелегален лов, бесправна сеча, оставање отпад, бесправно собирање диви видови, движење надвор од одредена патека, палење оган, водење куче (само за НП „Галичица“). А, можеби како најјасно познатo нелегално дејство е нелегалното преминување на државната граница, поради што со најголема сигурност е забележано бесправно собирање на диви видови од лица од соседна земја, се наведува во извештајот од Натура МК.

Партиципативното мапирање даде информација дека повеќето нелегални активности се случуваат во Зоните на строга заштита, поради што се истакнува и важноста на нивно спречување.

Соработка помеѓу локалното население и субјектите задолжени за управување со заштитените подрачја постои. Сепак, главен недостаток на пријавувањата кои ги прават посетителите и локалното население до субјектите задолжени за управување со заштитеното подрачје, е тоа што тие не се официјално евидентирани од страна на субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Поради овој недостаток, тешко е да се направи анализа за незаконити дејства базирана на податоци, бидејќи податоците или не постојат или се оскудни.

Од интервјуата направени со локалното население кое живее во и околу заштитените подрачја предмет на овој извештај, добар дел пријавуваат незаконити дејства. При тоа, тие тоа го вршат на неформален, односно полу-формален начин, преку јавување на телефон на пријател кој работи во субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Од страна на субјектите кои се задолжени за управување со заштитеното подрачје забележани се реакции, а понекогаш и повратна информација за увидот кој е направен и дејствата превземени за справување со сторителите. Но, има и случаи кога ништо не е направено по дадената информација за незаконито дејство, понекогаш дури и кога станува збор за дејство која го загрозило животот на посетители на заштитеното подрачје. Локалното население смета дека непревземањето на корективни дејства од страна на одговорните лица од субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје е за да не се замерат со сограѓаните кои се сторители на незаконитите дела, забележуваат од Натура МК.

Оттаму посочуваат дека постои и доза на недоверба кон институциите, поради што граѓани неретко одбираат да пријават незаконито дејство во локално здружение на граѓани кои е активно во заштитата на природата, или воопшто да не пријават. Тоа остава простор и потреба за подобрување и зголемување на капацитетот и ефективноста за справување со незаконити дејства кои ѝ штетат на природата на субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.

Намалување на илегалните дејства во заштитените подрачја е важно за зачувување на биодиверзитетот и пределските вредности. Ситуацијата со нелегалните дејства кои и штетат на природата во високопланинските предели на заштитените подрачја е загрижувачка. Најголем број од строго заштитените зони се наоѓаат токму во високопланинските предели на заштитените подрачја и токму таму се случуваат нелегалните активности. Оттаму важноста на адресирањето на ова прашање е од исклучителна важност бидејќи е поврзано со улогата и функцијата на тоа заштитено подрачје, истакнуваат од Натура МК.

OhridNews