Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ)- Регионален центар Охрид, реагира на како што се наведува во соопштението се позачестената злоупотреба на медиумите за меѓусебна лична пресметка на поединци и групации од јавниот живот. Во продолжение во целост ја презентираме реакцијата на ЗНМ :
Во последните десетина денови зачестено е обраќањето на одредени личности од локалниот и поширокиот политички живот преку пишаните и електронски медиуми во градот. Интервјуа, гостувања во емисии, прес конференции и соопштенија станаа речиси секојдневна појава, со кои, во вистинска смисла на зборот се врши невидена тирадна тортура врз јавното мислење во Охрид.
Загрижувачки е таквиот однос кон бројниот аудиториум, бидејќи со настапи на поединците, неаргументирани ставови, клеветења,навреди, паушални оценки и понижување на другите личности, се потценува разумот и судот на јавноста, кој треба, сето кажано да го прими и прифати како здраво за готово. А, изложен е на медиумски вулгарности, примитивизам и не бирање зборови за политичкиот противник или друга личност од општествениот живот за да се урниса неговиот интегритет. Потоа следи одговор кој исто така се сведува на навреди, повеќечасовен монолог, пишани соопштенија и повторно стилот „јас сум најдобриот“ и издигнување на својата личност на недостижен за другите пиедестал. Епилог на таквите тортуртури врз јавното мислење со пресови, соопштенија и сл. е заканата „тужба за клевета“.
Она што посебно загрижува е односот на новинарите и уредничките политики. Новинарите и самите учесници во пресметките на овие личности недозволиво се пасивни, дури индиферентни во ситуации кога мора да реагираат. Уредниците, зачудува нивната неселективност и неиздигање на нивните медиуми над уличните караници на поединците од јавниот охридски политички живот. Се објавуваат соопштенија, ставови, искажувања на поединци кои содржат атаци, клеветења, навредувања, лепење на етикети, понижувачки прекари, кои асоцираат на ступидност, еден колорит од невкус на кој се изложени граѓаните. Тежината на јавно искажаниот збор е заборавена. Меѓутоа она што најповеќе загрижува е очигледното избегнување на засегнатите страни, своето мислење и своите ставови да ги изложат на заеднички прес конференции, во емисии каде аудиториумот, врз база на нивното соочување ќе го изгради своето мислење и став. Обврска на новинарот и уредниците е на јавното мислење да му овозможат да пресудува самостално за личностите и настаните.
Недозволива е , исто така појавата-медиумите да се користат за „заштита“ на својот претпоставен и со крајно некритичен однос на новинарот се велича соговорникот, неговите успеси, а критиките на другите се сведуваат на шпекулации и злонамерни инсинуации. Кај повеќето гледачи таа ТВ монологија (или дуологија) сигурно имаше спротивен ефект од очекуваниот. Јавноста не смее да се потценува и нејзините мерила се многу повисоки.
Се наметнува прашање дали охридското новинарство е затечено од сите овие појави, треба ли и мора ли на овие појави соодветно да се реагира или ќе се претвори во послушна наместо одговорна професија и новинарите ќе застанат во одбрана на вистината наместо нивно пасивно однесување кон настаните што ја засега целокупната јавност. Во која мерка и понатаму ќе се дозволува јавно искажаниот збор во медиумот да има тежина на конверзација во кафеана или на пазар, зависи од самите новинари, од одговорноста за објективноста на својата работа и професија.
ЗНМ – Регионален центар Охрид