Советот на честа при ЗНМ укажува на неодговорното извршување на задачите на главните и одговорни уредници на таканаречените влијателни телевизии, А1, Сител и Канал 5, посочени за неизбалансирано известување и од домашните надлежни институции за време на изборите.

„Се покажа дека кај новинарите е ниска свеста за постоење и почитување на новинарските принципи содржани во Кодексот на новинарите. Советот констатира дека покрај прекршување на Кодексот, регистрирани се и злоупотреба на медиумите за теснопартиски интереси, неизбалансираност при известувањето, персонални и политички фаворизации и дисквалификации. Овие појави ги детектираа и документираа официјалните домашни институции, како и меѓународните и домашните набљудувачи“, се вели во соопштението на Советот на честа при ЗНМ.

Советот оцени дека за време на изборната кампања, но и по објавувањето на изборните резултати, погазени се професионалните стандарди и не е почитувано елементарното новинарско достоинство и интегритет.

Советот на честа ќе му предложи на ЗНМ да се иницираат заеднички длабински анализи, дебати и компетентна расправа за актуелните, како што велат, „алармантни состојби во македонското новинарство што кулминираа во текот и по соопштување на изборните резултати“.

OhridNews
извор: „Макфакс“