Здружението на новинарите на Македонија денеска остро реагираше на судската пресуда против колешката Маја Михајловска и приведувањето на колегата Гоце Ристовски од весникот „Шпиц“. Во соопштението се вели:

„Здружението на новинарите на Македонија со жалење констатира дека по којзнае кој пат е приморано да реагира на „ефикасната судска” власт која продолжува со практиката да им суди и пресудува на македонските новинари, не затоа што напишале лаги и клевети, туку затоа што судот – судијата смета оти новинарот треба да биде казнет. Тоа деновиве се случи со колешката Маја Михајловска, која не беше ни сослушана што има да изјави во своја одбрана – основно човеково право, а нешто слично му се случи и на новинарот Гоце Ристовски кој во функција на сведок бил довлечкан во Судот како последен криминалец.

Ги повикуваме почитуваните судии, конечно да почнат да судат според словото на законите и правото, а не водејќи се од лични ситно егоистични пориви.

ЗНМ изразува готовност да организира средба со господата – судии и обвинители и да ги спротивстави аргументите за ваквиот начин на делење правда. Немојте да н# принудувате правдината да ја бараме на улиците или уште полошо во европските судови. Веруваме добро ви е познато какво е мислењето таму за нашето независно судство“, стои во соопштението за јавност на Здружението на новинарите на Македонија.

Ohridnews