Здружението на новинарите на Македонија реагира на Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во период пред започнување на изборната кампања предложен од Советот за радиодифузија,со кој се прави обид да се влијае на начинот на кој навинарите ги подготвуваат нивните прилози и кои соговорници можат да учествуваат во дебатни емисии за изборите.

За ЗНМ се неприфатливи членовите 13 и 15 од Правилникот, кои треба да претрпат суштински измени.

– Затоа бараме од Советот за радидифузија да отпадне ставот два од членот 13, кој на новинарите им забранува да користат тонски парчиња кога известуваат за редовните активности на јавните функционери. Сметаме дека ставот еден од истиот член јасно пропишува дека известувањето за активностите на јавните функционери пред започнување на изборната кампања не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување и тоа според нас е доволно.- се вели во реакцијата на ЗНМ.

Според ЗНМ, со ставот два на членот 13 Советот недозволиво навлегува во начинот на работењето на новинарите и на начинот како тие ги изготвуваат прилозите, што за ЗНМ е апсолутно неприфатливо. „Освен тоа прилозите на електронските медиуми без тонски парчиња се незамисливи“-посочуваат од ЗНМ.

ЗНМ исто така бара и да се реформулира членот 15 од Правилникот, со кој во посебни информативни емисии на темата за избори смеат да учествуваат независни експерти, но не и претставници на политичките партии.

– Ние сметаме дека медиумите во овие информативни емисии можат да ја третираат темата за изборите без да се ограничи изборот на соговорници. Доволно ќе биде да стои опомена дека тие емисии не смеат да бидат во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.-се вели во соопштението на Здружението на новинари на Македонија.

OhridNews