„Кога сте во спор секој настојува својата страна да ја покрие со аргументи. Така и Грција ќе излезе со многу аргументи. Како што слушам многу ќе бидат со изјави на наши новинари што даваат изјави што ширеле шпекулации и што давале погрешни информации кои грчката страна ги користи во нивна корист…“ вели меѓу другото Претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Здружението на новинарите на Македонија бара итен одговор од Претседателот на Македонија каде и како има „слушнато“ дека Грција ќе се брани со изјави на македонските новинари.
„Инсистираме да не се даваат паушани изјави за македонските новинари, а посебно од официјални лица, па дури од страна на највисоки авторитети. Ова само придонесува кон забуна и недоверба воопшто меѓу граѓаните во Македонија, како за состојбите во државата, така и за состојбата во новинарството. Сметаме дека ова е обид за дисциплинирање на македонското новинарство. Новинарите не работат во ничија полза, туку врз основа на сознанија и факти и имаат право да ги коментираат политичките процеси“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
На соопштението на ЗНМ, реагираше Кабинетот на претседателот на Република Македонија.
– Во својата изјава во Струга Претседателот Иванов не даде квалификации за медиумите кои му се припишуваат. Како поранешен новинар, Претседателот смета дека е потребна коректност во пренесувањето на јавните изјави.
Претседателот Иванов сака да потенцира дека не прозива и не обвинува новинари и високо го цени придонесот на медиумите во отворената и слободна дебата која веќе долго време се води во Македонија по ова прашање.
Притоа, Претседателот во целост стои зад изјавата која ја даде. Постојат голем број на јасни сознанија дека дел од аргументите на Република Грција, во спорот кој Македонија го покрена поради кршење на Времената Спогодба пред Меѓународниот Суд на правдата во Хаг, се засновани врз новинарски текстови. И македонски и грчки медиуми, во минатото информирале дека Грција, во своја одбрана, ќе користи и вакви извори на информации. Изјавата на Претседателот Иванов тука не носи нешто ново и спектакуларно. Процесот во Хаг Македонија го води транспарентно, аргументите на двете страни ќе бидат познати и ќе се проучуваат во иднина. Поаѓајќи од сериозноста на македонските аргументи, Претседателот Иванов останува оптимист во крајниот исход на овој процес, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.