– Само со задржување на високото ниво на професионалност можеме да се избориме за своите права. Ја почитуваме одлуката за повлекување од ЗНМ, но сакаме да потенцираме дека немаме мандат да се бориме за социјалните и правата кои произлегуваат од работниот однос, туку како што пропишува статутот на организацијата, професионалните права и обврски. И покрај тоа, ЗНМ повеќепати реагираше и во вакви случаи, а се има обидено и на неколку наврати да формира синдикат на новинарите, но за жал овие обиди беа безуспешни, заради суштинската незаинтересираност на еснафот, стои во писмениот допис.
Претстојните реформи во Здружението ќе влијаат врз унапредување на статусното прашање на новинарскиот еснаф, особено преку формирање независен новинарски синдикат, велат од ЗНМ.
– Апелираме до сите „актери“ во игрите што се случуваат во последно време, да престанат да создаваат тензија во македонското новинарство преку поделбата на новинарите на патриоти и предавници, подобни и неподобни, затоа што македонското новинарство ќе им застане на овие појави и ќе се избори за достоинството на професијата, стои во соопштението од ЗНМ.
Охридските новинари и сниматели кои се откажаа од членството во ЗНМ сметаат дека здружението не ги штити нивните интереси и најавија формирање локално здружение на медиумскиот еснаф.