На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), почна процесот на консултации за изработка на нов етички кодекс за новинарите и медиумите. Новиот кодекс ќе ја замени постоечката верзија од 2001 година, со цел да ги одрази современите предизвици и потреби на новинарската и медиумската заедница, информираат од ЗНМ.
Како поддршка на процесот, велат, изработени се два важни документа кои обезбедуваат аналитичка основа и насоки за модернизација на етичките стандарди во новинарството.
Првиот, насловен, „Темелна ревизија на актуелните практики за етика во новинарството,“ според ЗНМ, ги анализира постојните предизвици и клучни слабости на постојниот кодекс, особено во делот на справување со дезинформации, говор на омраза и употреба на вештачката интелигенција, и нуди препораки околу зајакнување на транспарентноста, воведување на насоки за известување за ранливи групи и засилување на стандардите за проверка на фактите.
Вториот со наслов, „Од глобални искуства до локални стандарди: Етички предизвици и решенија во новинарството,“ нуди споредбена анализа на глобалните етички практики и предизвиците со кои се соочени медиумските саморегулаторни тела на земјите од Европа.
Преку искуствата на етичките совети од повеќе европски земји, публикацијата укажува на предизвиците и предлозите за нивно решавања како и насоки за подобрување во сферата на уредувачката независност, транспарентноста во финансирањето и справување со манипулативни медиумски практики. Особено внимание е посветено на етичките дилеми поврзани со употребата на новите технологии и алгоритмите, како и на потребата од заштита на малолетниците во медиумските содржини, велат од ЗНМ.
Додаваат дека консултациите остануваат отворени за сите медиумски професионалци, со цел да се создаде кодекс што ќе биде репрезентативен за сите сегменти на општеството.
Од ЗНМ велат дека процесот кој започнал во текот на втората половина на 2024 година, ќе продолжи во пролетните месеци во наредната година, со покана за активно вклучување на сите заинтересирани страни и поединци кои се подготвени да дадат вреден придонес во изработка на нов квалитетен етички кодекс кој ќе одговори на современите предизвици и ќе ја зајакне довербата на јавноста во медиумите. Првата нацрт верзија на документот ќе биде исто така објавена со цел сите заинтересирани да споделат коментари и размислувања.
Изработката на новиот етички кодекс се реализира во рамките на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
OhridNews