„ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа“, ова се парафразирани цитати во дел од писменото образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“. Пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а викендов стаса писменото образложение во кое се користат низа на проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

Имено, Судијата Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“.

ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.

Освен ова, за колешката Цветковска, која е глобално наградуван новинар во дејноста за истражувачко новинарство, судијата Панева вели дека „таа во здружението (се мисли на ИРЛ), нема својство на новинар, па не може да се претставува во емисиите, кои таму се снимаат, ниту како уредник, ниту како новинар, бидејќи таквите емисии не се сметаат како новинарски продукт“. Во таа смисла, судот наоѓа дека на колешката Цветковска „кажувањата се ирелевантни“ зошто ИРЛ како организација не смеела воопшто јавно да го објави истражувањето.

Оваа пресуда го спори фактот дека граѓански здруженија смеат и можат да бидат медиуми во Македонија, па дека дури не треба ниту да постојат. Во образложението има поука дека Министерството за правда може на ИРЛ да изрече и забрана за работа.

Во секој случај, туженото здружение (се мисли на ИРЛ) веројатно во својот статус има предвидено кои дејствија може да ги превземе за да ги остварува своите цели, бидејќи при евентуален надзор од страна на овластен орган, а согласно член 65 од горенаведениот закон може да се забрани и работата на граѓанската организација (се мисли на ИРЛ) ако меѓу другото со нивното дејствување се повредуваат слободите и правата на други лице.

Ова може да се толкува како повик на Панева до извршната власт за институционална пресметка со критичните медиуми.

Овој опасен судски преседан штети на независноста на медиумите и истиот е во колизија со Советот на Европа. Конкретно е во спротивност со препораката CM/Rec(2011)7 според која се смета дека заради посебната природа на интернетот, „обврските и одговорностите“, кои треба да се доделат на информативен интернет портал за потребите од членот 10 на ЕСЧП, истите можат да се разликуваат до одредено ниво од оние на традиционален издавач.

Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, најави дека за оваа судска постапка ќе иницира пријава до Платформатa на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите. Платформата известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, а со цел да се зајакне одговорот на Советот на Европа на заканите и одговорноста на земјите-членки.

Потсетуваме дека, за сторијата „Заговор против воздухот“, која исто така беше емитувана и на МРТВ, ИРЛ доби две новинарски награди, а Советот на честа и Советот за етика, по претходни претставки, донесе одлуки дека овој медиумски производ е во согласност со Етичкиот кодекс на новинари.

Укажуваме дека на 19-ти октомври ЗНМ поднесе претставка до Судскиот совет за судијата Спировска Панева за неправедно исклучување на јавност од рочиште за оваа судска постапка. Во претставката се бара одговорност од судијката за постапката, а од Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијата Јованка Спировска Панева. Во претставката се бара да се изрече дисциплинска мерка согласно Законот за судовите на РСМ бидејќи новинарите беа спречени да известуваат од рочиштето, а со тоа и јавноста да биде информирана за оваа судска постапка, стои во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија.

OhridNews