Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осуди заканите за кривичен прогон на новинарите упатени од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ако објавуваат материјали кои што можат да станат предмет на кривична постапка.
Од ЗНМ велат дека ваквото однесување на обвинителството е бесмислено затоа што дрско бара да се укине улогата на медиумите како коректив на властите во едно демократско општество.
„Обвинителството со заканите кон новинарите ги загрозува уставните права и слободи на новинарите и граѓаните. Го потсетуваме Обвинителството дека македонскиот Устав е многу јасен. Тој во член 16 забранува цензура и ја гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање како и слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации“, се потенцира во соопштението на ЗНМ.
Оттаму сметаат дека заканите на Обвинителство не се засновани на закон.
„Не постои таков закон во Македонија што му дава право на обвинителот да воведува цензура за објавување на материјали кои што откриваат кривични дела“, потенцираат од ЗНМ и додаваат дека Обвинителството може да повика да не се објавуваат материјали за истрага која е во тек, меѓутоа да се бара необјавување на материјали што можат да бидат предмет на кривична постапка е рамен на апсурд и претставува тешка злоупотреба на институцијата.
Од ЗНМ ги охрабруваат новинарите да не потклекнат на празните закани кои што немаат никаква законска основа и ги повикува да известуваат согласно Етичкиот кодекс на новинарите, кој бара новинарите да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана.
OhridNews