Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осуди писмото потпишано од неколку уредници до еврокомесарот Филе, во кое се етикетираа колеги новинари, како и соопштението на опозицската СДСМ, за кое се вели дека е продолжение на практиката на партиите за напаѓање на новинарите.


Како што велат од ЗНМ, изминатите денови македонската јавност е сведок на нова „војна“ меѓу група новинари-уредници и политички партии во која повторно на удар е угледот на македонското новинарство.

 „Писмото на група новинари упатена до еврокомесарот за проширување Штефан Филе за состојбите со медиумите во земјава и реакцијата на СДСМ на тоа писмо, уште еднаш ја покажаа грдата спрега меѓу политиката и новинарството во Македонија, против која Здружението на новинарите на Македонија се бори. Етикетирања на сметка на новинарите кои ги има и во писмото до Филе и во соопштението на политичката партија се крајно недозволиви“, се нагласува во реакцијата на ЗНМ.

 

Во случајот на писмото до Филе, за ЗНМ е неприфатливо е група новинари-уредници да етикетираат свои колеги поради нивното различно гледање и толкување на состојбите во новинарството и со медиумите во Македонија. Притоа остро се осудува вокабуларот употребен во писмото со кој колегите новинари  неистомисленици се нарекуваат „евроболшевици” и „црвени комесари”. За ЗНМ тоа претставува ставање на сопствениот професионален интегритет „во одбрана на односот и политиката на Владата кон медиумите“.

Исто така, новинарскиот еснаф го критикува и соопштението на СДСМ за кое во соопштението се вели дека претставува „уште еден пример во низата напади на политичките партии врз новинарите и нивно етикетирање, пракса која е се почеста во изминативе месеци“.

„За ЗНМ недозволиво е политичка партија да си даде за слобода да оценува новинари како платеници, мегафони и слично, во име на одбрана на честа на друга група новинари. Лошата услуга која со тоа се прави е продлабочување на јазот во поделбата на новинарите, пред сé, предизвикана од мешањето на политиката во новинарството и поделбата на медиумите меѓу политичките партии на „наши и ваши”“, велат од здружението на македонските новинари.

На крајот, од ЗНМ уште еднаш бараат од политичките партии да престанат со етикетирањето и „присвојувањето“ на новинарите во име на наводна одбрана на новинарството.

Ohridnews