„Безбедноста на новинарите“ беше темата на средбата на претседателот на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ, Младен Чадиковски, со новинарите од Oхридскиот регион.
По последните случувања во кои новинари беа спречени да известуваат за време на првиот круг од локалните избори, темата за зајакнување на безбедноста на новинарите е во фокусот на Здружението. Како што информираше претседателот на ЗНМ, Чадиковски, поголема безбедност ќе се постигне со измените во Кривичниот законик, за што има политичка волја, а дополнително измената треба да биде изгласана во законодавниот дом.
Чадиковски информираше дека на инсистирање на ЗНМ, Владата усвои законски измени во однос на висината на казните за граѓански тужби за навреда и клевета, односно истите се намалуваат четирикратно како за новинарите така и за уредниците и за сопствеништвото на медиумот.
Ако досегашната максимална казна за новинар беше 2000 евра, сега максимална казна ќе изнесува 25. 000 денари, исто така се намалуваат казните за уредници меѓутоа пропорционално, ако претходно казната изнесуваше околу 5.000 евра за уредник, сега ќе биде околу 1.500 евра, а за медиумот и сопственикот од максималните 10.000 евра, казните се намалуваат на околу 3.000 евра, вели Чадиковски
Тој додаде дека со овој Закон ќе бидат опфатени професионалните медиуми,телевизии, радија, весници и онлајн порталите кои се дел од професионалните здруженија.
Од ЗНМ информираа дека после Нова година планирано е да започне да функционира и Фонд за медиуми преку кој ќе се финансираат проекти од јавен интерес. Инсистирањето на ЗНМ е барем половина од средствата кои се предвидени во овој фонд да се распределуваат на локалните и регионалните медиуми.
За да се спречи корупцијата во распределба на средствата од Фондот, ќе биде формирана комисија од професионални лица од медиумската фела кој ќе вршат надзор на проектите од јавен интерес, што во основа би значело дека секој медиум ќе може да аплицира за создавање на одреден продукт, преку тип на напредно известување, додаде Чадиковски.
Формирањето на ваков фонд ќе придонесе за помош на медиумите и за поквалитетна медиумска содржина а, на некој начин претставува супститут на финансирањето на медиумите од Владата или од општините, за што често се јавува дискусија помеѓу членовите од ЗНМ. Дел од медиумите инсистираат на бришење на членот 102 од Законот за медиуми со кој се регулира ваквиот начин на финансирање, за што ЗНМ смета дека доколку се направи ќе се поттикне корупцијата.
Чадиковски информираше дека е доставен уште еден предлог до Владата, а тоа е медиумите да бидат ослободени од плаќање давачки или намалување на плаќањето на давачки за вработените, за што има поволна клима да се реализира по Нова година.
Според првичниот план од сегашните 37 отсто колку што се плаќаат придонеси за вработени во медиуми, би се намалиле на 27 отсто, а ќе останат да се плаќаат 10 отсто кои се однесуваат на персоналниот данок. Ние ќе инсистираме ваквата измена да биде проследена и со соодветно, пропорционално зголемување на платите на вработените, доколку медиумите можат тоа да го направат. Ние немаме механизам да им наредиме на сопствениците, но има механизам во најмала рака да не се случи намалување на платите. Наша тенденција е од намалувањето на давачките да им се овозможи поповолна финансиска клима и на сопствениците и на новинарите, истакна Чадиковски
Инаку, денешната средба беше во организација на ССНМ и ЗНМ во рамки на заедничкиот проект „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија.
K.A.