Насилството против новинарите во Македонија неделава ескалира и зазема драматични размери, алармира Здружението на новинар на Македонија.

-Животот на новинарите сериозно е доведно во прашање. Вербалните закани по живот, физичките напади од јавни личности и уништување на приватен имот на новинарите, ескалираше со брутaлен напад врз сопственикот на порталот Доказ, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Бараме веднаш да сопре насилството против новинарите и медиумските работници во спротивно насилниците ќе се охрабрат и ќе може да посегнат по нечиј живот.-вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани

Според него, овие напади се оркестрирани и имаат намера да создават страв и несигурност кај новинарите со цел да не ја критикуваат власта.

-За четири години ЗНМ има регистрирано над 20 закани и физички напади врз новинари, од кои речиси пола се случиле во првите шест месеци од оваа година, а насилнците досега не се казнети. Повеќе немаме никаква дилема дека институциите кумуваат со насилниците и одбиваат да ги казнат иако дел од тие напади се случуваат пред очите на јавноста. Потсетуваме дека власта има обврска да обезбеди безбеден амбиент за работа на новинарите и во ниеден случај не смеат да толерираат насилство. Јавно ги повикуваме највискоите државни функцинери, претседателот Ѓорге Иванов, спикерот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, веднаш да побараат од институциите да го спречат насилството против новинарите и напаѓачите да ги изведат пред лицето на правдата. Во спротивно, за евентуалните трагични последици нив ќе ги сметаме одговорни.- додава Селмани.

Тој истакна дека ЗНМ  ќе испрати ургентно писмо до сите меѓународни организации во кои Македонија е полноправна членка, како што се Обединетите нации, Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и до Европската унија и Американската влада, кои ќе бидат информирани дека во Македонија има политика на неказнување на насилство против новинари.

-Ако веднаш институциите не преземат мерки за расветлување на овие напади ќе бараме меѓународен мониторинг на полициските и судските истраги поврзани со насилство врз новинари. Ги повикуваме политичките партии да престанат да ги користат новинарите како топовско месо во нивните меѓусебни безскрупулозни пресметки за власт. Партиските штабови да престанат да шират говор на омраза против новинарите со што се таргетираат неистомислениците. – рече Селмани.

ЗНМ упати апел до колегите за поголема солидарност, заеднички да го осудат насилството и да се солидаризираат со новинарите жртвите на насилството. „Потсетуваме дека мисијата на новинарите е да служат на јавниот интерес, а не да бидат гладијатори во партиските битки за власт.“-додаваат од ЗНМ. 

OhridNews