Здружението на новинари во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ја промовираше дигиталната платформа „Јасно.мк“, која се фокусира на нови медиумски содржини со локален контекст.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, на настанот истакна дека оваа платформа ќе претставува еден сериозен поттик за развој на новинарството и развој на локалните дописништва во регионите во Македонија.
Дигитална платформа која ќе ги спои потребното, корисното и неопходното во едно. Сакаме да воспоставиме ново ниво на препознавање на дезинформации.„Јасно.мк“ има за цел кревање на свест и поттикнување на капацитетите на локалните заедници, рече Чадиковски.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, рече дека целта на проектот е да се зголеми свеста за важноста на точните информации и која е улогата што ја имаат дезинформациите во денешницата. Тој посочи дека оваа платформа е место каде што локалниот глас ќе може да се чуе.
Наша стратешка одлука беше овој пат да се фокусираме на малите градови бидејќи сметаме дека тие се малку застапени во медиумскиот пејсаж, рече тој.
Дополни дека ова е единствен проект од ваков вид што се одвива во Балканскиот регион и рече дека целта е да се помогне на луѓето, особено на младите, да ја направат разликата помеѓу новинарство и пропаганда. Платформата има цел да придонесе за кревање на свеста и зајакнување на капацитетите на локалните заедници да бидат подобро подготвени да препознаат дезинформации и да се борат со оваа појава, со посебен акцент во делот на родово базирани дезинформации.
На „Јасно.мк“ ќе бидат пласирани нови медиумски содржини со чија подготовка ќе се подобри интеракцијата на релација новинари – граѓани за придонес за теми од локално значење.
Веб- страницата „Јасно.мк“ дава и можност граѓаните да пријават дезинформации.
OhridNews