Во јули 2015 година бројот на патници на двата домашни аеродроми е зголемен за 28% на годишно ниво, во споредба со јули 2014, објавија дел од националните медиуми.

Лани во јули македонските аеродроми имале 144.784 патници, а оваа година во јули бројот на патници изнесува 185.811.

-Во периодот јануари-јули 2015 година, бројот на патници е зголемен за 17%, од 704.563 патници во првите седум месеци од 2014 година, на 823.492 патника во првите седум месеци од оваа 2015 година, информираат од „ТАВ Македонија“.

Статистиката покажува дека откако компанијата го презеде активното управување со аеродромите, бројот на патници е значително зголемен, воведени се нови линии, квалитетот на услугата е на светско ниво.

На годишно ниво, растот е над 75% за двата аеродрома. Турскиот холдинг го презеде управувањето со аеродромите во 2010-та година. Оттогаш, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 76,7%, или во апсолутни бројки, од 684.905 патници во 2010-та на 1.210.509 патници во 2014-та година.

Во првите шест месеци од годинава е регистриран раст од 6,4 проценти во делот на воздухопловните операции. Од јануари до јуни имало вкупно 6.739 полетувања и слетувања на двата аеродрома. Најфрекфентна дестинација е Истанбул со учество од 15,6% во вкупниот сообраќај, а потоа следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон.

Од вкупниот број патници, 56,6% биле превезени со нискотарифните авиокомпании, што е јасен показател дека евтините билети и субвенционираните летови значително ги зголемија можностите за патување со авион од земјава. Во понудата од Скопје влегоа и Барселона, Осло, Нирнберг, Хамбург и Фридрихсхафен, плус Лондон и Базел од Охрид.

OhridNews