Мерките кои беа преземени од страна на локалната самоуправа, надлежните министерства и конзуларни претставништва за отстранување на последиците од случувањата во Куманово вродија со плод. Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески, на денес одржаниот работен доручек со туристичките работници и туроператори, последните информации говорат дека сликата за Македонија во земјите од кои доаѓаат најголемиот број странски гости полека се стабилизира и дека во голем дел од државите кои имаа повик до нивните граѓани да не доаѓаат, е повлечен.
– Првичните податоци кои ги добивме од тур операторите и туристичките работници е дека бројот на откажувања е значително намален или воопшто нема откажувања. Сметаме дека наредниот период туристичката сезона ќе заземе еден нормален тек и нашите очекувања кои беа проектирани на крајот од минатата година ќе се остварат и дека сепак оваа година ќе биде најуспешна во споредба со минатите години, рече градоначалникот Бакрачески.
Како што тој потенцира доказ за тоа се и гостите кои пред два дена пристигнаа и од Англија, а наскоро се очекуваат и туристите од Швајцарија.
– Ние како локална самоуправа постојано сме посветени на омасовување на промотивните и сите оние активности што можат да ја збогатат туристичката понуда и да донесат поголем број гости. Тоа полека, но сигурно дава резултати. Бројот гости што доаѓаат во Охрид е се поголем, а истовремено се проширува листата држави од каде доаѓаат туристи, истакна Бакрачески.
Задоволство од постигнатите резултати по преземените мерки и стабилизирање на состојбата искажаа и туристичките работници од Охрид.
– Сметам дека ќе ги реализираме оние ноќевања кои беа предвидени за Охрид. Во однос на пазарот кој ние го работиме, Данска, немаше никакви откажувања дури имаше и зголемување, во тие земји не се ни обрна многу внимание на случувањата во Куманово. Позитивно е одржувањето на ваквите состаноци на кои се дискутра за проблемите , заеднички сме посилни да направиме повеќе за промоција на туризмот. Останува гостите да ги услужиме како што треба да го претставиме Охрид во најдобро светло и да ги отстраниме сите аномалии, вели Олег Маленко, менаџер на ТА „Вис-Пој“.
Потврда дека следува успешна туристичка сезона е и последната информација од „Фибула Травел“, македонскиот партнер на тур-операторот „Корендон Интернационал“ од земјите на Бенелукс, за продолжување на договорите скучени со хотелиерите од Охридско-струшката ривиера за закуп на легла за наредните три години. Како што изјавија од „Фибула Травел“ во сезоната 2016 во охридско- струшкиот регион се очекуваат околу 15000 гости.
Т.К.