Преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид во првите шест месеци од 2019 година патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од 2018 година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.

„Со задоволство објавуваме дека двоцифрените стапки на пораст на бројот на патници на македонските аеродроми продолжуваат и во првата половина од 2019 година, коишто се повисоки од просекот на ЕУ од 5,9 проценти. Очекуваме порастот на бројот на патници да го задржи истото темпо и да биде уште поголем во третиот и четвртиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку кои ќе бидат отворени на крајот на јули; и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Ако се гледа статистиката за воздушниот сообраќај, аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид има 104.444 патници и 62.9 проценти годишен пораст.

Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) го рангираше охридскиот аеродром како еден од првите три аеродроми во Европа според стапката на пораст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која изнесуваше 63,9 проценти.

OhridNews