ГРК Охрид оствари победа во првиот натпревар од ЕХФ Европскиот Куп, 2 коло, против Потаиса Турда од Романија. Вечерва во салата „Билјанини извори“ Охрид славеше 31:25, полувреме 18:15.

Носени од верната публика и „Рибарите“, охридските „Гладијатори“ мотивирано влегоа во натпреварот иако се чувствуваше грч во нивната игра, особено во почетните минути кога Цирар не успеа да реализира неколку зицери, а  гостинскиот голман Попеску царуваше на својот гол. Чаневски на спротивната страна немаше своја вечер, но неговата замена Ѓорѓески проработи кога беше најпотребно. Како течеше полувремето така Охрид додаваше гас. Одбраната беше цврста и компактна, нападот почна да работи и во еден момент домаќинот стигна до +4. До крајот на полувремето романците успеаја да анулираат еден гол за 18:15.

Во вториот дел Охрид продолжи во исто темпо. Предноста растеше, а во самиот финиш „Гладијаторите“ имаа напад за +8 кој не го реализираа. Казната стигна во последните секунди за конечни 31:25. Резултат кој ветува, но претстои реванш на жешкиот терен на Потаиса Турда.

Дали резултатот е доволен ќе видиме. Некогаш и 10 разлика може да не се доволни. Ќе видиме на реваншот. Задоволен сум од натпреварот, изигравме борбено, машки, и мислам дека заслуживме да победиме. Им честитам на моите соиграчи, навистина одигравме добро, можеби можевме да го добиеме мечот со +8 но на крај примивме гол последна секунда.  Одиме на реваншот да изиграме добро и борбено, па ќе видиме дали овој резултат ќе биде доволен, изјави крилото на ГРК Охрид Гоце Ојлески.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Никола Јукиќ со 6 гола, Гоце Ојлески постигна 5, Тимо Орјоникидзе 4.

Статистика ГРК Охрид: Чаневски, Ѓорѓески, Ојлески 5, Мацуока 3, Јукиќ 6, Шипинкоски, Бура 2, Тасески, Шафранко 2, Јотиќ 2, Крстевски, Пешиќ 3, Кукуловски, Орјоникидзе 4, Бојаниќ, Цирар 4.

Гостите ги предводеше Гита со 7 гола Кбилашвили постигна 5.

Реванш натпреварот се игра идниот викенд во Романија.

Г.М.
Фото: А. Момироска/Бобан Стојаноски