Наредните два дена се во знакот на детето. 19- ти ноември е Светскиот ден за превенција од злоупотреба на децата, а 20- ти ноември се одбележува како Универзален ден на детето.

Податоците говорат дека злоупотребата на децата, особено сексуалната, економската, физичката, како и другите облици на злоупотреба и насилство врз  децата е универзален проблем и бројот на вакви случаи е во постојан пораст.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши спроведе истражување на тема Перцепција на децата за нивните права, дискриминацијата и насилството врз децата, врз 2234 ученици на возраст од 10 до 18 години. Врз основа на резултатите добиени од ова истражување, генерален заклучок е дека над 70% од децата на школска возраст не ги познаваат своите права; 41,6% од децата потврдиле дека биле удрени во семејството, а 57% од децата познаваат други деца кои биле удрени од страна на професор во училиште.
 
Врз основа на податоците добиени од СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши во 2009-тата година, 48,3% од пријавите се однесуваа на злоупотреба и насилство врз децата (физичко, психичко, сексуално), што е за 9% повеќе споредбено со 2008 година.
           
Ова е алармирачки проблем кој бара поголемо внимание и заштита, како и превентивни мерки, на семејно, национално и меѓународно ниво. Потребно е синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, како и подобра соработка помеѓу граѓанските организации и институциите на државата, со цел заштита на децата од сите форми на злоупотреба и насилство во сите земји.

OhridNews