Каталогот на кој се чекаше подолго време за да се отвори изложбениот простор во куќата на Робевци во кои ќе бидат изложени вредните пронајдени златни примероци од археолошките локалитети во Охрид и охридско, е во завршна фаза.

Ексклузивниот каталог, за кој неофицијално дознаваме дека ќе го носи насловот “Златото на Лихнитида”, ќе содржи над сто фотографии во боја на кои ќе бидат прикажани бројните златни артефакти, меѓу кои и златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен.


Како што информира Паско Кузман кој заедно со својата сопруга , дипломираниот археолог, Нада Кузман се автори на каталогот, по неговото печатење, ќе следи и опремувањето на просторот во Робевци, по што ќе може да биде отворена долго најавуваната музејска поставка.

Нема да најавам кога точно ќе биде отварањето на просторот иако се надевам дека тоа за брзо време ќе се случи. Подготовката на каталогот е во завршна фаза. Моја желба беше тоа да е за минатогодишното одбележување на Денот на осамостојувањето на Македонија, но од оправдани причини до тоа не дојде, вели Кузман.

Директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска, информира дека просторот е целосно подготвен и дека се чека само на доизработката на каталогот. Како што нагласува Бунташеска, просторот ќе биде обезбеден со најсовремени безбедносни системи.


Златните артефакти ќе бидат изложени во кружна застаклена витрина која полека ќе ротира и ќе се наоѓа во една од просториите на куќата на Робевци. 

Отворањето на музејската поставка во Робевци, која ќе биде прва од овој вид во земјава, се најавува веќе неколку години по ред.  Првичната идеја беше таа да се изложи во некогашната Стоковната куќа,  која требаше да се преадаптира во Музеј. Но, идејата не се реализира поради тоа што не успеа планот- овој простор да стане сопственост на охридскиот Завод и музеј.   

Т.Кувенџиска