Златните одличја и трофеите од Т’билиси денеска гостуваа во „Куќата на кошарката“. Женската селекција на РС Македонија за кошаркарки под 16 години ги достави во Кошаркарската федерација трофеите освоени на „ФИБА Челенџер турнирот” што се одржа од 8 до 14 месецов во Т’билиси, Грузија. „Златните” кадетки имаа одличен настап на турнирот во Т’билиси и остварија четири убедливи победи во дуелите со Малта, Албанија, Ерменија и Грузија, со максимален ефект освојувајќи ги златните одличја. Раводството на КФСМ предводено од претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар, Владимир Георгиевски и спортскиот директор Тодор Гечевски денеска организираше прием за репрезентативките, предводени од селекторот Никола Златев и асистентите Ведран Белешковски и Форка Георгиева.

Од раководството на федерацијата со нескриено задоволство го поздравија постигнатиот резултат и порачаа дека трудот ќе биде награден, а тие да продолжат да работат посветено.
Селекторот Златев вели дека после првата победа работите оделе доста полесно на следните натпревари.

 

Голема благодарност до раководниот тим на федерацијата кој ги препозна сите оние наши желби, очекувања поради кои и ја добивме довербата да работиме со оваа наша, сега веќе, златна селекција. Мислам дека возвративме на тоа на најдобар можен начин. За Т’билиси заминавме без какви било притисоци и резултатски императиви. На турнирот одевме чекор по чекор, макар недоволно запознати со квалитетите на противниците,но откако ја реализиравме првата победа, потоа беше доста полесно. Во исто време можевме да ги скаутираме и другите противници, што ни ја олесни работата во подготовката на наредните натпревари. Доминиравме во секој поглед, и во Т’билиси ни се врати сето ова што го работевме во тие 40 и повеќе денови на подготовките во Скопје, Кавадарци и во Крива Паланка, истакна селекторот Златев.

Тој потенцираше и еден друг важен момент во работењето со ове возрасни категории, пред сè во женскиот сегмент.

Ова е возраста во која девојките во спортот најчесто се откажуваат, па со заеднички напор, соработка со сите клубови, со федерацијата, со Агенцијата за Млади и спорт, треба да се обидеме да ги задржиме овие таленти, а со правилна работа да ги мотивираме за понатамошно спортување и од нив да направиме квалитетни сениорки, дополни Златев.

OhridNews