Уште еден светол пример кој докажува дека знаењето е секогаш на цена, перманентното вложување во себе е императив за успех, а само трудот и трпението нишанат кон посакуваната цел!

Во периодот од 19 до 24 август 2024 година, два тима ученици од Охрид ги презентира своите иновативни проекти во категоријата STEM, област- физика, на глобалното финале на  World Innovative Student Exhibition- iWISE што се одржа во Лондон, Англија.

Платформата iWISE е создадена со цел да се најдат учесници кои неуморно работеле на нивните соодветни уметнички форми и се обидуваат да го инспирираат и збогатат светот околу нив; платформата им дава можност да се усовршат и да настапуваат конкурентно. На учесниците им се дава слобода да ја изразат својата визија без граници: здружување на истомисленици од целиот свет за да разговараат за нивните идеи на отворен форум и да развијат силни врски на пријателство…

За својата креативност и иновативност тимовите беа наградени со златен и средбрен медал!

Имено, златен медал освоија учениците Елена Попоска, Тамара Шајноска и Петар Зиврев, кои твореа во тим на свој проект, а сребрен медал проектот на тимот составен од Мила Ангелоска и Тамара Чолеска. И двата тима под менторство на наставничката по физика во ООУ „Христо Узунов“-Охрид, Вера Зороска.

Елена, Тамара, Мила и Тамара се ученици кои во учебната 2023/24 година беа деветто одделение во ООУ „Христо Узунов“-Охрид, а Петар втора година во ОСУ „Св. Климент Охридски“-Охрид.

Покрај натпреварувањето учениците имаа можност да се запознаат со ученици од други држави, да разменат искуства и идеи, да се дружат, да ја презентираат својата земја и култура како и да ги посетат културно историските места и знаменитости во Лондон и неговата околина (Big Ben, Trafalgar Square, Buckingham Palace, Hyde Park, Tower Bridge, Science Museum, Oxford Street and Piccadilly Circus, Cambridge City Tour with Punting,…)

Но исто така учеството на оваа манифрставија им носи на учесниците и можности за попусти на повеќе од 60 универзитети ширум светот, на водечки колеџи и на реномирани училишта за јазици во Обединетото Кралство.

Менторот и учениците им се заблагодаруваат на своите семејства за несебичната морална и материјална поддршка, за понесување на целиот финансиски товар околу апликацијата за визи и котизацијата на Проф-др. Катерина Дрогрешка и Љупчо Јованов од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ-Скопје, за помош од идеја преку истражување и доаѓање до финален проект, на ПМФ – Скопје и ДФРМ- за техничка помош на дел од истражувањата, на Елисабета Настоска- за помошта при апликација за виза, на директорката и колективот при ООУ „Христо Узунов“-Охрид за континуираната поддршка, на Општина Охрид за обезбеден промотивен материјал за градот Охрид и на сите пријатели кои ги поддржаа на било кој начин и во било која форма.

Исто така голема благодарност до фирмите и поединците кои препознаа квалитет, покажаа доблест и донираа финансиски средства, во рамките на своите можности, и допринесоа во купување на авионски билети за учесниците, а тоа се: Риччи Трговско друштво за производство, промет и услуги Калем Адил Дооел-Охрид, Трпе Инвест Дооел-Охрид, Кинг Филд Доо Охридкинг Филд Доо-Охрид, Антица-Бисер Дооел-Охрид, Небојша Баткоски, Марина Милошевиќ-Николоска, Питон Охрид Доо и ЛТХ Леарница Дооел-Охрид.

OhridNews