Во рамките на своите законски овластувања Пазарниот инспекторат во текот на летото извршил контрола на работата на охридските златари при што во дел од нив биле затекнати благородни метали кои не ги исполнувале законските услови да бидат ставени во промет.
Како што ни изјави раководителот на Пазарниот инпекторат, Ѓорѓи Бошалески, надзорот неселективно бил извршен во сите 12 златари во Охрид, од каде била запленета нелегална стока во вредност од над 3 милиони денари, или околу 20.000 евра.
Неправилности во работата биле констатирани кај три правни субјекти. Против прекршителите согласно Законот за трговија преземени се соодветни мерки и изречена им е глоба во висина од 3.850 евра, информираше Бошалески. Вкупно, додаде тој, на сметка на буџетот на Р. Македонија легнале 500.000 денари.
Како што објасни Бошалески кај казнетите правни субјекти беле затекнати производи од злато и други благородни метали кои немале трет таканаречен државен жиг. Со измените во Законот за скапоцени метали, сите благородни метали кои се продаваат во златарите покрај жигот за квалитет и на производителот, мора да имаат и државен жиг.
Запленетата стока била соодветно спакувана и пломбирана а на сопствениците кај кои таа била затекната им е наложено истата на нивни трошок да ја испратат на жигосување во Институтот за метерологија при Министрерството за економија.
Г. Момироски