Документарниот филм „Чуварите на Амазон“ денес ќе биде прикажан во „Јуроп хаус Струга“ во рамките на „Зимски МакеДокс“.

По проекцијата на филмот ќе следи дискусија за заштитата на животната средина, поврзувајќи ги предизвиците на дождовните шуми во Амазон со регионот Охрид-Струга, најавуваат од Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“,

Говорници ќе бидат Дарко Ќитаноски и Наум Илиески од здружението „Еко-свест“ од Вевчани и Владимир Трајановски од СОС – Охрид.

Документарниот филм „Чуварите на Амазон“ (We are guardians) на Едиван Гујајара, Челзи Грин и Роб Гробман е потресна приказна на разновидна група домородци кои се трудат да го спасат она што остана од бразилскиот Амазон. Филмот стручно ги сецира економските двигатели кои поттикнуваат големо уништување на животната средина, притоа разоткривајќи ја корупцијата и партиската политика кои тоа го овозможуваат, соопшти „МакеДокс“

Влезот на проекцијата која е закажана во 18 часот е бесплатен за сите заинтересирани посетители.