Непријатната глетка која непознати сторители ни ја приредија во ОУ„Св. Климент Охридски“ пред два дена ја нема. Со експресна реакција на раководството на училиштето и родителите беа пребојадисани ѕидовите на училиштето и бетонските површини, се исчистија стаклата од вратите и прозорите.


Срамот од вандалското однесување на поединци кои испишаа еден куп погрдни зборови и исцртаа фашистички знаци го покри белата боја, но таа брзо ќе поцрвени, доколку сторителите на овој гнасен чин не се откријат. Затоа што тоа беше направено ни повеќе ни помалку во срцето на духовната и културна престолнина на Македонија, Охрид, чиј заштитник е токму светецот чие име го носи основното училиште.


Надлежните институции интензивно работат на откривање на сторителите на вандалскиот чин. Има и осомничени, кои во интерес на истрагата не се откриваат. Одредени индиции има и раководството на училиштето, бидејќи дел од пораките директно се упатени кон вработено лице во установата. Родителите се згрозени од инцидентот. Бараат да се воведе чуварска служба и видео мониторинг. До преминување на Охрид во втора фаз од децентрализација тоа е во надлежност на државата, а локалната го стави ова прашање на приоритената листа. Но со последиците од инцидентот многу подлабоко и поодговорно ќе мора да се позанимава пошироката заедница. Родителите ќе треба одговорно да се прашаат – што тоа им прават децата таму некаде надвор, раководствата на училиштата и наставниот кадар-зошто им се повторуваат вакви испади, психолозите и социјалните работници-од каде толку гнев и деструктивност кај младите луѓе, надлежните органи на централно и локално ниво – дали одговорноста е само во ингеренциите и конечно сите ние заедно-какви морални вредности градиме.

Горан Момироски