После дваесет години, познатиот “Gum Wall”, или Ѕидот на гумите за џвакање во Сиетл ќе биде темелно исчистен, најавија градските власти. Чистењето на ѕидот, кој се наоѓа во близина на пазарот Пајк Плејс Маркет, на брегот од морето, би требало да почне во вторник на 10 ноември. Операцијата, која градот ќе го чини околу 4000 долари, ќе трае неколку дена, бидејќи ѕидот долг 16 и висок 2,5 метри е прекриен со илјадници гуми за џвакање. Традицијата на лепење гуми за џвакање на ѕидот датира од деведесеттите години на минатиот век, а започнала од гледачите на блискиот театар, кои го „убивале“ времето лепејќи мастики на ѕидот додека чекале во ред за билети. Набрзо потоа ѕидот станал една од најголемите туристички атракции во градот.
Една од сцените во филмот „Љубовта се случува“ од 2009 година со Џенифер Анистон е снимена токму пред овој ѕид. Денес, две децении подоцна, отстранувањето на гумите за џвакање се наметнува како потреба за да се сочува градбата. Луѓето и понатаму ќе можат да лепат гуми за џвакање откако ѕидот ќе биде исчистен. Американците во просек џвакаат од 160 до 180 „мастики“, или околу 800 грама по лице годишно. Вкупно во САД се џвакаат 250 илјади тони гуми за џвакање во текот на една година.