По повод празникот 8-ми март, а во организација на Женскиот центар „Бисера“, синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ по 19-ти пат беше организирана традиционална ликовна изложба. Охриѓанки уште еднаш ја покажаа својата креативност, истовремено укажувајќи дека покрај тоа што се добри мајки и сопруги, сепак наоѓаат слободно време за уметничко творење.

Пред присутните, меѓу кои претставници на локалната самоуправа, политички партии, СВР Охрид и членови на ЖЦ „Бисера“, беа изложени дела од 20-тина жени-уметници.

Делата оваа година се едно од ретко богатите збирки кои Женскиот центар „Бисера“ ги постави за Меѓународниот ден на жената. Околу 20-тина учеснички се потрудиле во текот на изминатата година да го креираат она што го имале на ум, да создадат нови дела кои за прв ги гледаме тука, притоа користејќи разни техники. Можам да кажам дека навистина градот Охрид има голем број на ликовни творци од понежниот пол, кои во своето слободно време создаваат нови дела.“ – истакна академскиот сликар, Славко Упевче.

Свое  обраќање пред присутните имаше и претседателката на ЖЦ „Бисера“, Нада Мартиноска, која истакна дека празникот се одбележува со активност која е во контекст со она што се случувало некогаш.

Пред се да ви заблагодарам што вечерва сте со нас во толкав голем број, да можеме сите заедно да им оддадеме почит на жените. Горди сме што успеавме после толку години да имаме повеќе жени на функции. Сакам да ја поздравам претседатеката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска, како и претседателките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Охрид, кои не удостоија со присуство.“ – истакна Мартиноска.

Таа потенцира дека иако членовите на ЖЦ „Бисера“ имаат секојдневни обврски, сепак истите се потрудиле да бидат општествено активни и да изнајдат време за уметничко творење.

Тоа пред се се мајки, општествено активни,  но сепак наоѓаат време да творат и да остават зад себе прекрасни дела. Ова е мал придонес до храбрите жени и оние, кои придонеле за женското движење, меѓу кои сме и ние.“ – додаде Мартиноска.

Настанот беше збогатен со настап на младите од танц-клубот „Соната плус“.

О.Т.