ЖСК „Лихнидос“ по жетва на првите места на самиот старт на Куп натпреварите со воздушно оружје-меѓународна програма во организација на Македонската спортска стрелачка федерација.
Викендов на стрелиштето во поранешната касарна во Битола, се одржа првиот Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма на кој учество зедоа околу 80-тина стрелци од сите клубови во државата.
Одличен старт имаше Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ која со свој личен рекорд и резултат од 544 кругови се пласира на првата позиција во јуниорска категорија на пиштол. Во истата дисциплина нејзиниот клупски другар Климент Мостро, исто така со свој личен рекорд од 543 круга се пласира на првата позиција во јуниорска категорија на пиштол.
Во истата дисциплина Стефанија Велјаноска од СК „Охрид“ се пласира на четвртата позиција со резултат од 524 круга, додека пак нејзиниот клупски другар Иван Милевски со резултат од 536 круга се пласира на третата позиција.
Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ во дисциплината пиштол се пласира на шестата позиција со резултат од 512 круга. Милица Кочовска која пред неполни три месеци стана членка на ЖСК „Лихнидос“ имаше свој дебитантски настап со кој ветува дека во иднина клубот може сериозно да смета на нејзините спортски вредности.
Кај сениорите на пиштол повторно камбек на нашиот најдобар стрелец Ванчо Каранфилов кој по принудна пауза од една година, повторно заблеска на првата позиција со резултат од 544 кругови. Во истата категорија, Велибор Балоски се пласира на 4-тата позиција со резултат од 528 кругови, додека Даниел Михајловиќ заврши како 6-то пласиран со резултат од 503 кругови. Во истата дисциплина кај сениорките Валентина Гоџоска од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 4-тата позиција.
Кај јуниорите на пушка Кристијан Балоски од СК „Охрид“ со резултат од 590,7 кругови се пласира на 3-тата позиција, додека пак Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 577,4 кругови се пласира на 7-мата позиција. Со нешто послаби но константни резултати, јуниорките на пушка Теодора Спироска, Ана Танеска, Драгана Локоска и Верица Здравеска се пласираа на 9-тата, 12-тата, 13-тата, односно 15-тата позиција. Кај сениорките на пушка, Ива Маленко иако со огромен пад во резултот со 573,5 круга се пласира на вицешампионската позиција.
За пофалба е што за првпат на овај натпревар, сите стрелци се натпреваруваа на електронски мети, што не беше пракса во минатото. Веќе од денеска нашите стрелци со своите матични тренери ги започнуваат подготовките за претстојното Државно првенство што треба да се одржи за еден месец, повторно на стрелиштето во Битола, информира Валентина Гоџоска, тренер-координатор.