Заминувањето на Сергеј Самсоненко од Ракометниот клуб Вардар значеше крај на соработката и со Женскиот ракометен клуб Вардар. „Вардарки“ уште од пред некоја сезона ја изгубија поддршката од рускиот бизнисмен но клубот функционираше со млади сили и неколку искусни ракометарки од домашната сцена.

Петкратниот учесник на Ф4 турнирот во Лигата на Шампиони доби нови пет сопственици, кои ќе треба да се погрижат клубот да не згасне, туку да се крене и да продолжи да креира македонски ракометарки. Помеѓу петте нови сопственици како најзвучни имиња се одвојуваат Гордана Нацева и Индира Кастровиќ. Двете легендарни ракометарки заедно со Томе Ивчевски, Татјана Ивчевска и Савица Стојаноски започнуваат нова приказна во македонскиот женски ракомет.

Тренер на првата екипа на Вардар ќе остане Драган Ристова (Пецевска), а со ракометарките од младинските категории ќе работи Анжела Платон.

OhridNews