Ракометарките на Лихнид незадоволството од судењето и третманот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го искажаа со седнување на паркетот во првиот напад од дербито со Стружанка, кое заврши без победник (25-25).
Управата на „китовите“ остро реагираше за судењето во Кичево, но и за судењето во текот на целоата сезона. Приговорот, кој клубот го проследи до РФМ ви го пренесуваме во целост.
– По одиграниот првенствен натпревар во Кадетската женска лига на Република Македонија помеѓу екипите Р.К. „Кичево 10“ и Р.К. „Лихнид 2012“ кој се одигра во Кичево на 03.05.2018 година, стручниот штаб на Р.К. „Лихнид 2012“ Охрид поднесува:
Против делењето на правдата на судиите Даниело Божиноски од Скопје и Груевски Алкесандар од Битола. Нашите забелешки одат на сметка на гротеската грешки која ја приредија на натпреварот, нивното судиско незнаење и неспособност, нееднаквиот критериум и вообразеноста на судиите што навистина нè натера да размислуваме дали воопшто да продолжиме со натпреварувања во системот на Ракометната Федерација на Македонија.
Ќе наведеме само неколку моменти од натпреварот кои драстично влијаеа на крајниот исход од истиот. Имено, во 29:50 минута од натпреварот соодветно го санкционираа со две минути играчот со број 4 ( Тамара Маркоска) која до тогаш беше најефикасен играч, меѓутоа 6 секунди подоцна го санкционира со две минути и играчот со број 5 (Викторија Алексиоска) за правилен и коректен фаул, направен лице в лице, поставен во правилен одбранбен став, на девет метри со коректно фатена рака и половина. Со што го завршивме првото полувреме и го започнавме второто со четири играчи во поле. Судиите покажаа крајно незнаење за ракометната игра во таа ситуација. Слична ситуација имаше и во 35:54 кога на правилен фаул направен од играчот со број 10 (Николина Угриноска) во кој противничкиот играч беше навреме спречен и фатен од позиција на одбранбен став за шутерската рака и телото во место, на девет метри, беше санкционирана со две минутно исклучување, заради што и реагиравме кај контролорот на натпреварот, делегатот Игор Огненов кој и покрај тоа што ги заштитуваше судиите, на прашањето зошто е две минути тој старт не можеше да ни одговори. Судиската лакрдија продолжи во 43-та минута од натпреварот кога во еден поцврст, но правилен фаул направен од играчот со број 5 (Викторија Алексиоска) добива две минутна суспензија и истовремено дополнителни две минути доделија судиите без објаснување, со што акумулира три исклучувања и црвен картон за нашиот најдобар играч. Секунда потоа санкциониран е играчот со број 4 ( Тамара Маркоска) со две минутно исклучување и покрај тоа што воопшто не стартуваше кон некој играч и немаше никаков коментар кон судијата, која до тогаш се уште беше наш најдобар стрелец. Натпреварот повторно го продолживме со четири играчи во поле и покрај критиките кои ги упативме и објаснувањето кое го баравме од делегатот и од судиите за континуираното доделување на суспензии.
Друг момент на кој што сакаме да упатиме многу сериозна критика е третманот на судиите и делегатот на тренерот на Р.К. „Кичево“, имено споменатиот тренер во второто полувреме на повеќе, внимавајте, не на неколку, туку на повеќе наврати бурно и вербално реагираше кон судиите и во сите тие наврати влегуваше неколку метри внатре во теренот. За после неколку такви испади да биде санкциониран со жолт картон кој иако го доби продолжи вербално да врши притисок врз судиите и се уште да биде во теренот што по кој знае кој пат не беше санкционриано со две минути или со црвен картон. Да Ве потсетиме дека пред само неколку натпреварии еден од нашите тренери за многу помал испад од ова што го гледавме во Кичево беше санкциониран со две минути, црвен картон и 5 натпревари суспензија. Па која е оваа нееднаквост? Која е оваа неправда, дали постои здрава логика која би не натерала да продолжиме да се натпреваруваме во системот на натпревари организирани од страна на РФМ?!
Крајно време е РФМ да го разгледа работењето на судиите, особено на помладите. Да го запраша Здружението на ракометни судии, по кои критериуми, со која обука, со кое знаење и напредок создава судии. Дали тие судии ги имаат основните ракометни судиски знаења, дали се објективни во делењето на правдата? Дали воопшто има некој контролен механизам за нивното судење? Дали некогаш ќе видиме казнети судии поради нивната пристрасност и неукост, или ќе видиме како после шест години напорна работа и речиси секојдневни тренинзи ќе згасне и Охрид од мапата на женскиот ракомет во Македонија. Во наредните неколку денови Управниот одбор на клубот ќе ја разгледа идејата за прекинување на настапите и целосно повлекување од натпреварувањата на РФМ, свесни за сите консеквенции кои ќе следат од таа одлука, затоа што сè почесто судиските неправди ги решаваат првенствата, а покрај бројни реакции не се земаат во предвид.
Ве молиме како субјект кој што треба да се залага за унапредување на ракометот како спорт во Република Македонија и зајакнување на организациските капацитети во ракометните лиги на национално ниво, кон овој приговор да имате сериозен пристап, бидејќи оваа судиска неправда РК Лихнид 2012 ја чинеше збогување со Final Four, а реалните можности на нашиот клуб се многу подалеку од сегашниот пласман. Ве молиме да изнајдете објективен начин и механизми да извршите мониторинг на судиите и крајно време е критериумите за судиите да се кренат на повисоко ниво. Сугерираме и на измени и дополнувања во Пропозиции каде ќе има релефантен фактор ( човечки ресурси или задолжителен видео запис ) кој што ќе ја пренесе објективната ситуација на терен, посебно во ситуациите каде се косат изјавите на судиите и екипите, на тој начин Вие би имале објективната претстава за целокупните случувања и можност да донесете исправни одлуки, поткрепени со доказен материјал, со што би се исфрлила субјективната димезија на сите учесници. – стои во соопштениет од клубот испратено до РФМ и македонските медиуми.
Годинава, ЖРК Лихнид нема да биде дел од завршницата во Кадетската лига и ќе нема можност да го подобри успехот од минатата сезона, кога се закити со бронзен медал.
OhridNews