Животната средина ќе биде најтешкото поглавје во преговорите со ЕУ, не само за Македонија туку и за поразвиените земји од нас во регионот, смета државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Дејан Паноски.
Тој посочи дека Македонија ги има донесено сите закони предвидени со планот за апроксимација во 2007 година, освен втората фаза од законот за води и за генетски модифицирани организми кои се во процедура, а се работи и на подзаконските акти. Од аспект на легистлативата ние сме добри, но ќе треба многу посилно да работиме на нејзина имплементација, рече Паноски.
Паноски е домаќин на средбата на државните секретари во министерствата за животна средина на земјите од ЈИЕ што се одржува во Охрид. На собирот учествуваат претставници од Македонија, Србија, Црна Гора и Косово, а поради магла на скопскиот аеродром на средбата не допатуваа претставниците од Хрватска и Босна и Херцеговина.
проблемите со животната средина треба да се решаваат заеднички
Како што беше истакнато на отворањето на средбата во успешното решавање на проблемите со животната средина ќе се покаже и подготвеноста на овие држави за достигнување на стандардите на ЕУ. Прашањето на управувањето со животната средина веќе не е прашање на пароли туку прашање на директна акција, што значи дека се потребни инвестиции во животната средина и заедничко менаџирање на проблемите како што е отпадот и загадувањето на воздухот и водите во регионот, истакна Паноски.
За таа цел ќе биде направен регионален информативен систем во кој ќе бидат опфатени приориотетните прашња од областа на заштитата на животната средина, беше посочено на средбата што се одржува на иницијатива на македонското министерство за животна средина.
Г. Момироски
фото: Васко Бујароски