Што се случи од 2010 до 2019 во Охрид? Во една деценија се остварија многу позитивни работи и доволно матни работи. Каде е Субрата Рој од Индија? Безбројни се сите смешни ветувања на политичарите. Магичниот Марко пренесе енергија со неговата пливачка сила и не разбуди. Повеќе болни деца кои се борат за последна шанса ни ги отворија очите, исто така. На разни манифестации се презентира се повеќе културното, уметничкото, музичкото и креативно богатство на Охридскиот регион. Охрид трчаТ поттикна движење, дружење и спортување, нешто заедничко за сите граѓани. Охрид живејТ!
На OhridNews има анкета: 2020 година во Македонија ќе биде?
– Не очекувам промени.
– Подобра од претходната.
– Полоша од претходната
Најважни предизвици за Охрид во следнава деценија, според мене се: идентитетот на градот, односно што со животната средина и каков ќе биде односот на Охрид кон еколошките прашања и проблеми. Треба внимателно да се креира туристичкиот развој. Има доволно примери со слични проблеми, како последица на масовниот туризам. Венеција, Барселона, Рим, Амстердам, Лисабон, Берлин, Лондон, Париз, Дубровник.
Градот се задуши со грди и високи згради на невозможни локации. Потребно е строго чување на духоТ на Охрид. Да се зачува животната средина, поголема заштита на природата и езерото. Потребни се одлучни мерки и решенија за дисциплинирање на неодговорните граѓани кои неконтролирано и несоодветно го одлагаат отпадот создавајќи диви депонии. Да се креираат работни места, што ќе овозможат шанси, можности, перспективи за народот. Можеби најголем (вечен) проблем во Македонија и Охрид е политиката. Итно треба да се намали политизацијата на општеството. Не е ништо ново, но поради тоа бегаат сите од државата.
Животот во Македонија е испреплетен со политика како мрежа со јагули. Во образованието, здравството, секаде. И зошто мора секогаш преку партиите да се нагласува во јавноста дека жените од едната партија или младите од другата партија чистат улици, делат пакетчиња, ружи, се грижат за било што. Сите сме еден народ, луѓе. Сите сме свесни што е вредно и потребно. Не треба нонстоп да се удира на се политички печат. Тоа е старомодно.
Влегуваме во фасцинантна деценија каде што видеото, аудиото, виртуалната реалност, роботизацијата, социјалните мрежи, дата анализите, вештачката интелигенција, циркуларна економија, климатски неутрални планови, електрични возила, зелените предизвици, агендата за еднаквост, ќе бидат универзални цели кои ќе го променат светот.
Се надевам 2020 во Охрид ќе биде подобра од претходната година. Колку што сум полн со надеж, толку сум и скептичен. Мој можеби наивен сон е, но ајде здравје да биде: да има помалку поделби на социјални и политички класи. Животот да е повеќе исполнеТ со морални, човечки вредности.
Среќна нова деценија и напред Охрид!
Влатко, Амстердам
*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите