Желбата за подобра и посреќна иднина била главниот мотив на Стевчо Сидоровски од охридското село Косел, за да успее да се избори со зависноста од дрога и да си го промени својот живот. Тој во online интервју за OhridNews, реши да сподели дел од своето лошо животно искуство, но и да покаже дека силната волја може да го направи и она што навидум изгледа дека е невозможно.
Овој 26-годишен млад човек, со помош на Програмата за одвикнување од дроги и алкохол во Центарот „Нарконон“ во Кавадарци, успеал да ја победи зависноста. Сидоровски сега е дел од волонтерскиот тим кој работи во центарот, им помага и ги мотивира другите зависници во борбата со дрогата.
Тој се надева дека со одлуката да ја објави неговата животна сторија во јавност ќе помогне на многумина зависници и на нивните семејства и дека ќе биде поука за младите да стојат настрана од овој порок.
OhridNews: Кажете ни нешто повеќе за себе, дел од вашата животна приказна, како и кога почнавте да земате дрога?
На почетоците на средното училиште, татко ми беше во лоша здравствена состојба, не беше во состојба да функционира како што треба. Многу сакав, но незнаев како да му помогнам. Немањето доволно вештини и знаење за тоа, ме принудија да се повлечам и откажам од помошта. Пробав да ги затворам очите пред се и користејќи по некоj џоинт на ден – два, сакав да ги решам тие проблеми. Споредна улога во таа моја одлука изиграa и тогашните другари од кои бев „информиран“ за марихуаната и кои веќе беа навлечени на оваа дрога. Првите неколку пати откако зедов марихуана бев еуфоричен, „среќен”, се чувствував убаво и заборавав на работите кои беа лоши и работите кои треба да ги правам во иднина, ги „заборавав“ барем за некое време. Татко ми почина, што беше голема загуба за мене, тогаш имав само 16 години, се чувствував како талкач без цел. Тогаш почнав уште повеќе да консумирам марихуана. Ги изневерив сите очекувања на семејството, мајка ми и брат ми никогаш не ја добија помошта која ја очекуваа од мене. Продолжив со екстази, амфетамини, журки и се повеќе бев без пари, повлечен и фураф некој си филм дека сум успешен, кој само јас го знаев и беше нереален за другите. Потоа пробав тромадол, диjазепам и ред други седативи. Со текот на времето како влегував повеќе во тие кругови исполнети со дрога, завист, љубомора, измами, страв, “комбинации” од денес за утре, не беше ни очекувано нешто подобро да ме снајде. Се решив да пробам и хероин, тоа беше како сите претходни дроги кои сум ги консумирал – реков само еднаш и нема повеќе и почна и таа приказна. Почнав да земам преку викенди, наместо да излегувам и да се дружам јас ги давав парите да земам повеќе хероин и да “уживам” во неговото дејство. Бев незаинтересиран и неодговорен за ништо, ни за фамилија, ни за девојки, ни за училиште, ниту пак за да успеам и просперирам во било што. Бев тотално контролиран од дрогите и луѓето од круговите во кои што се движев и никако не можев да го фатам воланот за јас да го возам сопствениот живот. Почнав да крадам од дома и да продавам предмети за да купам дрога, а дома не си одев со денови.
OhridNews: Според Вашето искуство со какви други проблемите се соочуваат зависниците и нивните семејства?
Постои еден прв и најголем проблем, а тоа е дека зависникот постојано е изложен на ризик да го загуби животот, а пред ова проблемите не се исто така мали, гледано од било кој аспект. Ќе го земеме финансискиот, како машина за трошење на пари сте, никогаш не е доста, колку имате толку ќе потрошите и се повеќе и повеќе се заглавувате како самите така и тие околу вас. Лажете, многу работи се во криење, ретко сте дома, не сте искрени каде сте биле, што сте правеле и не сте искрени затоа што сте правеле нешто што не сакате да го откријат. Се повлекувате од блиските, ја немате таа поврзаност која што сте ја имале претходно, криете доста работи кои ви тежат и знаете дека со нив ги повредувате нив и себе и тоа е една од причините поради која сте повлечени. Многу е важно другите членови во семејството да го откријат зависникот навреме. Гледано од овој агол најважна е комуникацијата, отворената комуникација, за какви било проблеми, потешкотии, добри работи, планови, прашања и слично. Има многу родители кои не можат да ги откријат раните симптоми на зависност и потоа откриваат кога веќе е премногу доцна. Многу од родителите не разговараат со нивните деца за зависностите, за дрогите, за алкохолот, па нивните деца се принудени тоа да го дознаат од другарите, дилерите, на тв или на интернет од каде што многу е веројатно дека нема да ги добијат фактите за тоа и вистината за дрогите и алкохолот.
OhridNews: Како дознавте и како се одлучивте за третманите во Нарконон Балкан, дали очекувавте резултати?
За Нарконон Балкан односно Нарконон програмот дознав преку еден мој другар, кој го направи истиот. Првичната информација беше дека постои програмата и дека е ефективна за проблемот кој што го имам. На почетокот бев скептик, а и како да не сум кога претходно сум пробал многу пати со лекови и “третмани” и не сум успеал. Но се одлучив да пробам, односно да се запишам на Нарконон програмата за одвикнување од дроги и алкохол. Последното нешто што си помислив пред да започнам со програмата е дека ќе се обидам да пробам, пред да се осудам себе си да бидам цел живот зависник односно на моменти да се повлекувам, за потоа пак да се враќам на дрогите или да се регистрирам како пациент на метадон во метадонски центар. И еве ме, Нарконон програмата ja завршив во 2011 година и оттогаш па натаму немам никаков проблем со било каква зависност. Успеав! Околу 4 години поминаа од кога го завршив мојот Нарконон програм, а 5 години не сум користел дрога, алкохол ниту било што друго од таков тип, и за мене повеќе не важи правилото “еднаш наркоман, секогаш наркоман”. Сега луѓето не ме ни познаваат дека некогаш сум земал дрога и алкохол ако не им го кажам тоа. Мене лично и не ми е проблем да го кажам тоа, бидејќи тоа е минато.
После Нарконон програмата си повратив многу способности и стекнав нови кои претходно сум ги немал. Се здобив со сигурност, одговорност за себе, фамилијата, општеството. Не ги лажам луѓето околу мене. Повеќе сум буден – свесен, расмислувам јасно и брзо. Спијам нормално, јадам нормално, спортувам. Немам никакви потешкотии поврзани со минатата зависност кои можат да ме измачуваат на било каков, за ова ми помогна програмата за прочистување и практичните вежби. Среќен сум и немам потреба од никакви хемиски додатоци за тоа. Со секојдневните проблеми се справувам многу полесно и рутински не ги избегнувам како порано и да ги оставам да се насобираат се повеќе и повеќе. Овие се работите накратко, личните работи кои ми се случија после Нарконон програмата. Работи со кои се стекнав и сеуште траат и ми се достапни.
OhridNews: Што подразбира третманот, објаснете ни повеќе за програмата, како се одвива постапката за одвикнување, што опфаќа и колку просечно трае еден третман?
Нарконон центарот е отворен тип на центар за одвикнување од зависности каде сте слободни, под ова се мисли дека ги имате прилично истите права како и секаде на друго место и сите потребни работи за живеење на еден нормален живот. Под отворен тип се мисли на тоа дека луѓето кои се тука го прават ова по сопствена волја, свесни се дека имаат проблем со зависноста и волни се да им се помогне и самите прават напор за тоа да се оствари и да успеат. Програмата опфаќа едукативни курсеви, курсеви за животот, преку кои личноста открива зошто почнала да користи дроги. Ги открива стапиците во животот на кои претходно се фаќала и не успевала да возврати кога ќе се сретне со нив. Во овие курсеви е вклучен и курсот за етиката и станувањето повеќе чесен од претходно, практични вежби за подобрување на комуникацијата и враќањето на способности кои се изгубени претходно поради користењето на дроги. Нешто исто така што заслужува да биде нагласено е Програмата за прочистување односно Програмата за детоксикација на телото. Тоа е лиценцирана и проверена програма која се прави според точна постапка и која има за цел да ги извади сите отрови од телото односно дроги, токсини и други материи од околината кои во текот на животот се наталожиле во вашето тело и на некој начин ве успоруваат, а на зависниците ги прават да се враќаат повторно и повторно на дрогите без да имаат идеја зошто е тоа така. Нарконон програмот има 8 чекори или курсеви кои се прават последователно и индивидуално е за секој траењето на истите односно траењето на целата програма. Просекот е од 7-9 месеци за целата програма, но има случаи каде некој го завршиле за помалку време а некој за повеќе. Тоа е како што кажав индивидуално.
OhridNews: Колку лица во моментов се на рехабилитација во центарот, дали се само од Македонија или има и од други земји?
На програмата може да се само лицата кои се волни да го решат проблемот кој го имаат со зависноста. Земајќи го предвид фактот дека ова е единствен Нарконон Центар на Балканoт има лица од сите балкански земји.
OhridNews: Дали има податок колку има излекувани зависници до сега и каде може да се обратат оние кои на кои им треба помош за справување со зависноста?
Лицата кои ја прават Нарконон програмата се наречени студенти бидејќи се едуцираат и прават практични вежби, тие не се третирани како болни луѓе кои се лекуваат. Досега над 100 луѓе имаат успеано со оваа програма да го решат проблемот со зависноста кој го имале претходно. Секој кој има проблем може да се обрати во центарот, да ја погледне веб страната и да се информира повеќе за програмата, успешни приказни од студенти, помош за родители во однос на зависноста итн.
OhridNews: Како станавте дел од тимот на центарот и кој е описот на вашето работно место во центарот, дали таму работат и други излекувани зависници?
Дел од тимот полека почнав да станувам уште додека ја правев Нарконон програмата. Со самото правење на програмата сфатив дека ова е тоа што сум го барал и што ми било потребно за мојот проблем, бев толку импресиониран од програмата што имав голема желба да го правам во иднина и јас тоа, односно да им помагам на други луѓе кои го имаат прблем и се волни да го решат. Се здобив со обука и сега им помагам на луѓето кои се на Програмата за детоксикација, јас сум одговорен за неа и луѓето кои се на таа програма, да ја завршат успешно и да ги имаат максималните придобивки кои ги нуди истата.
OhridNews: Може ли да споделите некои искуство од работата таму, некој специфичен случај на лекувано лице или слично?
Не, Центарот ја гарантира дискрецијата на секој поединец, освен поединецот ако е волен самиот да го направи познато тоа што го правел тука или да ги сподели своите успеси и достигнувања од програмата по своја волја.
OhridNews: Ваш апел до зависниците од дрога или до младите кои посегнуваат по дрога?
Посегањето по дрога е последното на ланецот од претходните случувања. Секогаш лежи нешто пред за да дојде до самото тоа. Возможно е да се справи зависноста и сите претходни проблеми кои сте ги имале и ве принудиле да дојдете до таа точка. Јас успеав да се справам. Можете и вие.
Е.М