ЖИВОТИШТЕ…Ова е препознатливиот восклик на човекот кој во последниве неколку недели ја разбранува широката јавност во Македонија – Паско Кузман. Брануваше и порано но ова беше вистинска далга, силен удар врз него, но и врз македонската археологија. И се случи животиште… по којзнае кој пат.

Како реакција на овие случувања излегоа соопштенија од Македонското археолошко научно друштво и стручните екипи кои постигнуваа и постигнуваат забележителни успеси на стручно и научно поле, благодарение на ентузијазмот и визионерството токму на овој човек. Беше кажано скоро сé… Затоа оваа реакција ќе биде едноствно  израз на ПОЧИТ кон човекот кој целосно се вложува себеси за афирмација и адекватен третман на археологијата и нејзина промоција како наука која се базира на материјални докази и факти.    

Неговата неприкосновена љубов кон културното минато на оваа грутка земја е движечката сила која ја разби долгогодишната летаргичност и учмаеноста во археологијата. Потребна е голема храброст, знаење и умешност да ја оттргнеш историјата од прегратките на земјта и заборавот на минатото и да и дадеш достоинствено место во современото светско културно наследство. Овој човек го правеше и го прави тоа…без оглед на цената и жртвата што треба да ја даде.
    
Во денешно време кога борбата за материјална егзистенција го има приматот над духовната димензија, а љубовта и почитта се подзборавена категорија, тешко е да се разбере човек како него. Но сите кои го познават, сите кои работеле или соработувале со него го разбираат тоа.
    
Токму љубовта го направи своевиден алхемичар во археологијата, човекот кој го врати Свети Климент на Плаошник, оној којшто руината на Високото Кале во Охрид ја претвори во Самуилова Тврдина, визионер кој од мртвите колци во водите на Охридското Езеро ја создаде наколната населба во Заливот на коските…и на многу други локации од минатото им даде реална димензија во сегашноста… И ние да молчиме, делата кои го носат неговиот печат, но и печатот на ова време говорат гласно со јазикот на иднината.
    
На крајот, сакаме да потенцираме дека оваа реакција не е предизвик за еминентните душегрижници да си ги исплакнат своите остри јазици, ова е само израз на БЛАГОДАРНОСТ од една група институционално неприфатени и   маргинализирани археолози – ентузијасти на кои Паско Кузман несебично им подаде рака и им овозможи да се докажат во археологијата како активни чинители.

Екипата од Самуилова тврдина 

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.