Албанскиот театар синоќа пред охридската и пошироката јавност настапи со премиера на претставата „Живот под кирија” по текст од Рефет Абази, а во режија на Лука Кортина.
Претставата е надреална сатира , приказна за младиот режисер Дин и неговите почетоци во создавањето на еден нов свет, свет во театарот и еден убав театарски живот. Но не оди сè така лесно, тој се соочува со непослушноста на актерите и управата, кои театарот го гледаат како начин за постигнување други цели. Во неговиот обид да биде иновативен, да внесе свежина со својот младешки дух и да го пренесе искуството од студирањето надвор, тој наидува на отпор и негодување од актерите, кои како и директорот се под силно влијание на политиката и актуелната политичка гарнитура.
Актерот Бесфорт Идризи кој ја толкува главната улога на младиот режисер, открива дел од деталите за тоа како се соживеал со текстот и што всушност претставува неговиот лик:
„Дин е слободоумен режисер со истражувачки дух кој сака да го пренесе искуството однадвор, но притоа наидува на отпор па дури и на револт од актерите и директорот кои го презираат неговиот начин на работа и ентузијазмот за новата претстава од која зависи неговата кариера. Всушност тоа ја отсликува нашата реалност во театрите така што секогаш постои тој јаз на генерации и некоја хиерархија меѓу самите актери кои жилаво се борат за својата позиција, така што се потрудивме преку ликовите во претставата да ги посочиме тие горливи проблеми во повеќето театарски куќи во кои понекогаш и политиката создава големи притисоци.“
За тоа како може да се протолкува насловот на претставата, актерката Амернис Јовановска Нокшиќи со образложение:
„Секој може да си го протолкува индивидуално значењето на текстот. Според мене, насловот се однесува на сите оние кои кои живеат долго со маска и не можат да се соочат со вистината за својот лажен и несреќен живот. Конкретно во претставата, тоа реферира и на мојот лик Рина, која е вљубена во бифеџијата Хасан, но во младоста се откажала од него поради страв и други околности, немала храброст да се бори до крај. Но среќа што животот и дава уште една шанса и на крајот завршува со својот љубен, така што и покрај сите метастази во театарот, победува искреноста и вистинската љубов.“
Театарот во театар служи да поучи, да послужи како пример за тоа што се случува во едно општество каде доминираат луѓе- нелуѓе кои се обидуваат да им го загорчат животот на исклучоците. И актерот Хисмет Рамадани кој го толкува Басри е дел од актерите кои се против режисерот Дин и кој остро се противи на неговите младешки идеи трудејќи се да покаже авторитет, но на крајот завршува неславно, надвор од театарот. Всушност Басри и не заслужува да работи повеќе во таа установа каде порано владеел поинаков дух и театарот бил жив. А сега благодарение на политичките опструкции и дозволувањето политиката да дојде пред уметничката страна на театарот, Басри и директорот се главните виновници за губењето на тој уметнички елан кај останатите актери.
„Всушност за жал таква е реалноста. Политиката не смее во никој случај да вплетка прсти во работата на театарот, посебно не во таа уметничка димензија, но тоа се случува. Сепак преставата има универзална порака и секој може различно да го протолкува текстот кој остава слобода за секој да ја разбере на свој начин и со свое видување. “ – вели Рамадани.
Режисерот Лука Кортина за праизведбата на претставата констатираше:
„Презадоволен сум и горд на сработеното, како актерите го сработија својот дел и како изгледаа на сцена, полни со енергија и ентузијазам, како што и беше мојата замисла. Преставата беше вистински предизвик за сите нас, еден доста голем потфат со кој успешно се справивме.”
Ивана Чичоска